Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 4 години и на почеток одеше во градинка со мал отпор, но сега сѐ повеќе плаче. Има моменти кога премногу плаче, како да липа и постојано повторува дека сака дома да спие. Плаче секое утро, веќе му премина во навика, но најмногу при крај на неделата или кога мајка му ќе се врати од ноќна смена. Ме загрижува што на моменти плаче хистерично како да е во бессознание. Често прави стратегии да спие кај баба му за утредента полесно да ја убеди да не го носи во градинка. Кога смирено разговараме на таа тема, зборува како голем, без да одбива или да насочи зошто не сака да оди, многу зрело и трезвено разговара и вели дека сака дома со нас да седи. Инаку, многу е љубопитен и активен, постојано прави нешто и многу сака луѓе, дружби. Многу сум загрижен за хистеричното плачење, се плашам да не развие некое нарушување.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и потребата да му помогнете на вашето дете. Ме радува што е активно, љубопитно дете, кое секогаш е во некоја акција. Но, во животот на вашето дете се случила комбинација на неколку животни промени, како новиот дом, доаѓањето на братчето, одвојувањето од вас со одење во градинка, а потоа повторното враќање дома, во кој период тој бил во центар на вниманието на сите вас.
Новите и непознати ситуации често носат многу силни и интензивни емоции кај детето и можат да предизвикаат чувство на несигурност.
Секоја промена бара одредено приспособување, вклучувајќи го и започнувањето во градинка. Времето на приспособување е специфично за секое дете. Зависи од возраста на детето, неговиот темперамент и искуствата што ги имало дотогаш.
На вашето дете му недостига и способноста вербално да ги артикулира и препознае своите емоции, a тогаш доаѓа до нивно изразување преку плачење или лутење, удирање… единствен начин што детето го знае.

Вознемиреноста што ја чувствува поради одењето во градинка е од преплавеност од емотивната реакција со која не може да се справи. Зголеменото чувство на несигурност е дел од анксиозноста од одвојување и потребата за стабилност.
Дома е сигурноста, удобноста, големото внимание, а плачењето и липањето се изразување на емоцијата, но и потребата да проба и да види дали ќе може нешто да смени.

Би било добро да разговарате со него за неговите стравови, да ги именувате и препознаете неговите емоции, да кажете: „Знам дека сакаш да останеш дома, но во градинка си играш и сите другарчиња се таму, а потоа мама или тато ќе дојдат и ќе одиме дома“.
„Знам дека сакаш да останеш со бебето кај дедо, но ти си голем батко, а тој е мало бебе, големите батковци одат во градинка, а бебето не може, уште е мало.“
Иако овие ситуации се многу загрижувачки за вас, вашата смиреност е многу важна, кога сте смирени и му давате на детето емпатичен одговор, тоа може да го смири и да моделира како да се справи со силните чувства. Ако вие реагирате со фрустрација или нетрпеливост или преголема загриженост и сожалување, детето може да се чувствува поанксиозно и повеќе да плаче.

Секогаш почитувајте ги договорите за тоа кога ќе го земете од градинка. Можете да го поттикнете да ја земе со себе омилената играчка или предмет, за да има нешто познато што ќе му даде чувство на сигурност. Убаво е што посветувате време пред спиење и што разговарате. Пофалете го за дури и малите работи.

Бидете смирени и полни со љубов, вие сте сидрото со кое вашето дете се движи низ овие големи емоции. Секоја солза е можност да му покажете дека со предизвиците може да се соочиме со трпение и разбирање. Со тоа ќе му помогнете на вашето дете да изгради доверба и издржливост.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X