Сезоната на празници ја носи радоста на заедништвото, но и зголемен ризик од ширење на респираторни инфекции, како што е грипот. Експертите предупредуваат дека токму сега, пред да се засили активноста на сезонските вируси, треба да се преземе клучна превентивна мерка – вакцинација.
-Празниците се време на дружење и патување, но и на поголема изложеност на вируси поради честите контакти и собири. Грипот не е минливо заболување, кај ризичните групи, како што се постарите, трудниците и хронично болните, па може да предизвика сериозни компликации како пневмонија, влошување на хроничните болести и смртни исходи – нагласува проф. д-р Горан Тешовиќ, детски инфектолог, раководител на Одделот за инфективни болести на децата на Клиниката за инфективни болести во Загреб.
Тој додава дека сега е вистинското време за вакцинација бидејќи на вакцината ѝ се потребни најмалку две недели за да се развие соодветна заштита.
-Иако во моментов не бележиме значителна инциденција на грип, искуството од јужната хемисфера укажува на можност за епидемија слична на ланската. Сезоната на грип се очекува поинтензивно да започне во декември, така што секое одложување ги намалува шансите на навремена заштита.
Зошто грипот е сериозна закана?
Грипот е сериозно заболување, особено опасно за малите деца, постарите и хронично болните. Грипот не е безопасен дури и за млади и здрави луѓе – и може да развијат сериозни компликации, како што се миокардитис или менингитис, кои бараат итна медицинска помош.
-Вирусот на грип го оштетува респираторниот епител на горниот и долниот респираторен тракт, а со тоа создава услови за развој на бактериски компликации – објаснува проф. Тешовиќ.
Кај возрасните, најчестата бактериска пневмонија е предизвикана од пневмокок, додека кај децата, заедно со пневмонијата, често се јавуваат и бактериски инфекции на средното уво. Исто така, бактериското воспаление на параназалните синуси може да биде компликација на грипот, а мал број пациенти, особено постарите, може да развијат бактериски менингитис, повторно често предизвикан од пневмокок.
Покрај бактериските компликации, грипот може да предизвика и примарни компликации кои произлегуваат од ефектите на самиот вирус на грип.
-Најчеста меѓу нив е вирусната пневмонија, но вирусот на грип може да предизвика и посериозни болести како што се енцефалитис (воспаление на мозокот) или миокардитис (воспаление на срцевиот мускул) – посочува проф. Тешовиќ.
Вирусен миозитис, или воспаление на скелетните мускули, често се забележува кај децата, додека поблаги невролошки компликации, како што се фебрилни конвулзии, не се невообичаени. Сепак, ретко се јавуваат посериозни компликации како што се енцефалопатија или енцефалитис.
За хронично болните луѓе, високата температура и стресот предизвикани од грипот може дополнително да ја влошат основната здравствена состојба.
-За време на епидемија на грип се зголемува инциденцијата на неинфективни компликации, како што се срцев удар или мозочен удар, особено кај постари и изнемоштени пациенти – предупредува професорот.
Сите горенаведени компликации може да бараат хоспитализација, употреба на кислород и антимикробни лекови, а кај најранливите групи – постарите и имунокомпромитирани пациенти – грипот може да биде фатален.
-Затоа, клучно е да се препознае сериозноста на грипот и да се преземат соодветни превентивни мерки, како што е вакцинацијата, која може да го спречи или значително да го олесни текот на болеста – заклучува проф. Тешовиќ.
Вакцинацијата против грип е најефективниот начин за заштита од болеста и нејзините компликации. Иако ефективноста на вакцината варира помеѓу 40 и 70 проценти, заштитата од потешки форми на болеста, хоспитализација и смрт е значително поголема. Тешко е да се одредат точни податоци за бројот на смртни случаи поврзани со грип, но експертите се согласуваат дека објавените бројки се значително помали од реалната бројка.
-Вакцинираните лица имаат значително помала веројатност да развијат тешки компликации, да бидат хоспитализирани или да подлегнат на болеста – објаснува проф. Тешовиќ.
Вакцинацијата придонесува и за колективна заштита преку намалување на циркулацијата на вирусите на грип во заедницата. Постарите лица и хронично болните луѓе можат да ја постигнат најдобрата заштита што е достапна во моментов доколку, покрај вакцината против грип, се вакцинираат и против пневмокок, бактерија која предизвикува најголем број секундарни компликации, како што се пневмонија или менингитис.
Во однос на безбедноста на вакцините, проф. Тешовиќ нагласува дека современите вакцини против грип се исклучително безбедни.
-Несаканите ефекти се генерално благи и минливи, како што се болка и црвенило на местото на примена на вакцината, додека посериозните несакани ефекти се исклучително ретки – истакнува професорот.
Благите несакани ефекти може да вклучуваат блага темература, која ретко надминува 38 °C и обично не трае подолго од два дена.
-Сериозните несакани ефекти, како што е синдромот Гилен-Баре, се исклучително ретки – се јавуваат во помалку од еден случај на неколку стотици илјади дози – заклучува проф. Тешовиќ.
912