Вежбањето е здраво, вежбањето е добро, вежбањето прави чуда за физичката подготвеност и физичкото здравје и на децата и на возрасните, дури и на трудниците… Па, заклучокот е дека вежбањето е корисно! И ние го знаеме ова, често се зборува на таа тема, па некако секогаш сме фокусирани на придобивките од вежбањето за физичкото здравје. Сепак, во последно време многу се зборува и за позитивните ефекти од вежбањето врз менталното здравје.
Неодамна објавената метаанализа на податоците објавени во списанието „Педијатрија“ покажала дека структурираните програми за физичка активност ја подобруваат интелигенцијата кај младите луѓе.
Студијата открила просечно зголемување на коефициентот на интелигенција за 4 поени кај учесниците. Овие резултати ја истакнале важната улога на вежбањето во обликувањето на умот и телото за време на детството и адолесценцијата. Претходните истражувања веќе покажале дека вежбањето позитивно влијае врз когнитивните функции, како што се меморијата, вниманието и извршните функции. Сепак, специфичната врска помеѓу вежбањето и општата интелигенција, вклучувајќи го и коефициентот на интелигенција, не е доволно истражена.
Претходните студии дале ограничени, а понекогаш и контрадикторни докази и често се фокусирале на флуидна интелигенција или академски достигнувања, а не на општата интелигенција како целина. Затоа, научниците одлучиле да спроведат сеопфатна студија за тоа дали вежбањето може да влијае врз интелигенцијата во поширока смисла. Дополнително, експертите биле дополнително мотивирани од фактот дека раната интервенција е важна во случаите кога има потреба да се стимулира когнитивниот развој.
Детството и адолесценцијата се клучни периоди во кои искуствата можат да имаат долготрајни ефекти врз когнитивниот и нервниот раст.
-Нашиот интерес за оваа тема произлегува од сè поголемиот број докази за врската помеѓу физичката активност и когнитивниот развој кај младите. Со истражување на потенцијалот на вежбањето како алатка за подобрување на интелигенцијата, сакавме да фрлиме светлина на практична и достапна стратегија за поддршка на развојот на децата – објаснил авторот Хавиер С. Моралес.
Позитивниот ефект на интервенциите за вежбање врз интелигенцијата бил пронајден кај различни подгрупи на деца со нормални и ниски нивоа на IQ и бил конзистентен без оглед на времетраењето на интервенцијата.
-Поточно, програмите за вежбање го подобруваат коефициентот на интелигенција на децата и адолесцентите во просек за 4 поени – резултат споредлив со придобивките што обично се постигнуваат со дополнителна година на образование. Ова значи дека охрабрувањето на децата и адолесцентите да учествуваат во структурирани физички активности може да има трајни позитивни ефекти врз нивните интелектуални способности, како и на други области од нивниот живот, како што се среќата, социо-економскиот успех, па дури и идното здравје – истакнал Моралес.
Исто така, важно е да се забележи дека на ефектите не влијаела возраста на учесниците или времетраењето на интервенцијата за вежбање, што сугерира дека когнитивните придобивки од физичката активност се применливи за различни развојни фази. Единственото нешто што сè уште не е утврдено се интензитетот, видот и времетраењето на вежбањето или кое вежбање има најдобро влијание.
-Иако придобивките се јасни, потребни се повеќе истражувања за да се разберат основните механизми и да се истражат долгорочните резултати надвор од времетраењето на интервенциите – заклучил Моралес.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912