Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има речиси 3 години, но откако се роди брат ѝ, од љубомора не го ни допираше, а потоа почна да го турка и да го удира. Ноќе се буди во 3 часот и трча надвор до тераса, потоа се враќа, вреска и не може да заспие. Уште не зборува течно и не користи многу зборчиња. Знае како се вика и разбира кога ќе ѝ се кажам да дојде. Ако некој излезе од домот, трча по него, плаче и си зборува нешто по нејзино. Веќе еден месец не ѝ даваме телефон да гледа. Ја водиме на логопед, но не соработува со него. Кога ѝ се кажува нешто, понекогаш ја врти главата настрана.
ОДГОВОР: Вашиот исказ не е доволно разбирлив за да ви дадеме поконкретни насоки. Она што можам да го забележам е дека вашето дете има проблем со говорот, поради што посетува логопед, но она што вам најмногу ве загрижува е однесувањето и односот кон помалото братче.
Најнапред треба да направите развојна процена дали нејзината зрелост е во состојба да ги обработи и задоволи сите барања, насоки, правила и налози што ѝ ги укажувате во домот. Во исказот немаме информации како тече и како е структурирана вашата секојдневна динамика, дали детето посетува предучилишна установа, каков ред има воспоставено во однос на биолошките потреби, како е регулиран нејзиниот сон.
Споменавте дека детето се буди среде ноќ и постанува активно неколку часа, раздразливо е и плачливо во вечерните часови. Регулирањето и воспоставувањето соодветен сон кај детето е од особена невропсихолошка важност. Затоа советувам целосна развојна процена и родителско советување со тим од стручни лица.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912