Играта е безбеден простор за развој и исполнетост на учениците и воопшто децата. Неминовно и неопходно е да даваме простор за игра, но основниот фактор кој треба да го набљудуваме како возрасни е безбедноста на играта.

Сведоци сме на трендови кои доаѓаат виртуелно, а манифестираат игри кои носат ризични последици за безбедноста на детето. Се подигнува свесноста, гледаме што се последиците, алармираме, предупредуваме, но колку разбираме?

Детето до 12-годишна возраст нема развиено критичко мислење. Може да ги знае последиците, научени од опомените на родителите (меморија) од логичкото расудување, но не може целосно да расудува што би се случило кога нешто излегува од рамката. Секако дека децата сакаат да го фатат сето она што е во тренд, да бидат во тек со времето, некогаш амбициите се дури да бидат и пред времето и тоа постоело кај децата во секое цивилизациско време.
Да не забораваме дека во времињата кога сегашните родители и преродители (баби-дедовци) биле млади, имало ризични игри за кои не се подигнувала свеста, но не се кревало ни толкава прашина (страв и фама).

Ако се присетиме на некогашните игри: „долга магарица”, „јанино, сланино”, „прескокни го преку глава”, игри што ги играле почесто момчињата и многу други во кои сериозно можеле да се нанесат повреди, ќе сфатиме дека отсекогаш имало игри кои можеле да бидат опасност за децата. Од сето ова може да се заклучи дека отсекогаш децата растеле со игра, но не дека секоја игра треба да биде предизвик што одма може да се прифати, туку да се учат децата дека треба да се размислува што е опасно и дали играта ќе им прави задоволство и нема опасност. Исто така, значајно е да се нагласи дека секој тренд не треба да се прифаќа, а за тоа да се доближи до децата, важно е возрасните да се доближат преку разговор до децата, но не да ги заплашуваат, туку реално да им укажат што може да се случи ако се играат такви игри. Најубаво би било да се врати духот на детските игри на улица како некогаш, каде што децата преку играта се дружеа меѓусебно, се социјализираа. Сепак, колку и да се менува времето, треба да се следи детскиот развој.

Автори: Никола Дукоски -психолог
Билјана Дукоска – педагог



912

X