„Ајде да ја оставиме мама да поспие малку денес, можеби потоа нема да биде толку нерасположена“ – му шепна мојот 5-годишен син на мојот сопруг едно утро. Реченицата ме пресече. Да, јас сум нераспосложена мајка. Секако дека сум.
Згора на тоа, свесна сум дека син ми внимателно го одбра зборот – нерасположена, бидејќи во последно време расположението ми наликува на целосно нервно растројство. Еве, силно вдишувам. Дури и ако бев вознемирена поради нешто што тој го направи (или не го направи), корените на моите емоции беа многу подлабоки и покомплексни од што било друго што се случуваше во тој момент. Знам дека не беше сè негова вина. Слушајќи ја таа реченица, сфатив дека колку и да се трудев да ги турнам гневот и тагата некаде длабоко во себе во обид да ги потиснам, тие неизбежно во одреден момент избувнуваа бурно во форма на вулканска лава надвор, како фрустрација и навреденост. А тоа е посилно од мене.
За волја на вистината, јас сум во еден од оние ладни, тешки и болни периоди од животот – живеам опкружена со несигурност, болка, промени, отпор кон промените.
– Се чувствував толку лошо кога нашиот син го рече тоа – ми призна мојот сопруг подоцна истиот ден.
– Знам дека си нерасположена и лута поради мене и не сакам да те гледам таква. Ти си добар човек и прекрасна мајка, но нашите проблеми го спречуваат нашиот син да го види тоа – додаде тој.
Беше во право – јас сум таа што дозволи многу проблеми да ми влијаат врз расположението, а син ми го добива само полошиот дел. И знаете што е одлично во тоа? Дека оваа привремена фаза ќе помине, како и сè друго, и на крајот ќе најдам начин да се справам со целата оваа нервоза и неволја. Но, ова е единственото детство што го има моето дете. Овој период во неговото растење нема да се повтори. Ако сум неспособна и премногу слаба да го преболам ова побрзо и полесно, тогаш тоа е тоа. Мојот син ќе има нерасположена мајка. Но, дали сакам да бидам таква мајка? Дали е тоа примерот што сакам да му го дадам на моето дете?
Одеднаш мојот живот доби смисла. Сакам да бидам посреќна мајка.
Сакам да бидам поранешната јас која спонтано почнуваше да танцува кога ќе слушнеше музика, која се смееше и го викаше синот да танцува со неа.
Сакам да ме памети како весела, насмеана мајка.
Сакам почесто да се сеќава на топла насмевка отколку на намуртена или вознемирена личност.
Сакам да види како ги прифаќам сите животни ситуации, ги решавам и го извлекувам само најдоброто од нив. Сакам да живеам радосен живот и тој да го почувствува тоа.
Секако, тоа не значи да ставите лажна насмевка и да се преправате дека сте среќни – тој трик очигледно не функционира. За мене, ова значеше, за почеток, да го повикам мојот терапевт повторно да започне со нашите терапии. Тоа значеше да се запрашам: „Што ме прави среќна?“
За мене тоа значеше да кажам ДА за мојата потенцијална среќа и да барам чувство на благосостојба во мојот живот.
А, сепак, мојата одлука да станам среќна и весела личност е веројатно најдоброто нешто што можев да го направам за мојот син.
Тоа е и најдоброто нешто што можев да го направам за себе.
912