Барањето работа ако сте мајка на мало дете е слично како бркање на сопствената опашка. Сигурно сте виделе куче како се врти во круг обидувајќи се да си ја фати опашката? Па, тогаш знаете како им е на мајките кои бараат работа и имаат мало бебе.
Можеби не знаете, но барањето работа (освен ако немате врска и некој да ве вработи) е всушност „работа“ со полно работно време. Мора постојано да ги следите огласите, да ја приспособувате вашата биографија, да пишувате мотивациони писма (се разбира, различни за секој оглас), да одите на интервјуа, да одговарате на телефонски интервјуа. Да не ги заборавиме е-пораките и повиците за проверка на статусот на вашата апликација бидејќи потенцијалниот работодавец воопшто не ви одговорил.
Неодамна, со сопругот и малото бебе се преселивме во друга област и прво што ми кажаа е дека градинките се преполни, тешко се наоѓа место и требаат врски. Па ако си невработена? Тогаш не доаѓа предвид!
Ако мајката не работи, детето не треба да оди в градинка, велат тие. Настрана тоа што градинката не е и не треба да биде само место каде што се чуваат децата, другото прашање е: како таа мајка ќе најде работа ако тоа дете не почне да посетува градинка? Кој ќе го чува детето ако таа оди на интервјуа за работа, пишува мотивациони писма и има онлајн интервјуа? Изгледа требаше да размисли за тоа пред да го роди бебето.
Другата страна на проблемот е фактот дека сè уште сме патријархално општество во кое се претпоставува дека секогаш кога детето е болно, мајката ќе отсуствува од работа. Затоа, работодавците, свесни дека мајката на мало дете многу често ќе отсуствува од работа, избегнуваат да ја вработат. И за тоа не треба да се обвинуваат тие, туку општествените норми кои секогаш подразбираат дека мама секогаш ќе остане дома.
Можеби дадилка?
И оваа опција почнав да ја разгледувам кога сфатив дека шансите да го запишам детето в градинка се мали. Цената е висока, па направив математика и испадна дека за половина ден грижа за детето ми требаат речиси исто толку пари колку мојата редовна плата.
Накратко, ми треба работа за да можам да си дозволам бебиситерка или градинка, но ми треба бебиситерка или дневен престој за да најдам работа. Магичен круг од кој е навистина тешко да се излезе.
Многу мајки се осудени што ги запишуваат децата во градинка иако не се вработени. И некои други мајки, кои се вработени, чувствуваат осуда од околината бидејќи се смета дека ја занемаруваат улогата на мајка поради кариерата.
Причините зошто жените бараат работа се различни и за нив воопшто не треба да се дебатира. Исто како што не се расправаме зошто татковците работат. Можеби мораат, можеби ја сакаат својата работа, можеби им е важна финансиската независност, можеби сакаат кариера. Во секој случај, жените треба да имаат ИЗБОР и одлуката дали да работат никогаш не треба да биде затоа што „нема кој да се грижи“ за детето.
Решението за сето ова не е, како што сугерираат некои, да им се дава доживотна плата на мајките само затоа што се мајки на, да речеме, три деца. Затоа што не сите жени се определени само за родителство. Има многу кои сакаат да ги подобрат другите аспекти од својот живот, да се реализираат на друго поле, независно од мајчинството. Исто така, „платата за мајчинство“ нѐ враќа во времето кога се сфаќаше дека децата и куќата се женска обврска.
Она што ни треба е порамноправна поделба на должностите во домот и околу децата, како и нормализирање на породилното отсуство на татковците. На овој начин, жените со мали деца не би имале помали шанси за вработување од нивните машки колеги, туку работата (барем во приватниот сектор) би ја добил кандидатот со подобри квалификации. Исто така, уписот во градинка во современото општество треба да биде нешто што не е привилегија, туку право. За оние родители што имаат потреба од услугата во градинката, таа треба да биде достапна, без разлика дали мајката во тој момент има работа.
Ако сакаме подобар наталитет, ПОЗДРАВ наталитет, тогаш ова е патот. На долг рок, многу попродуктивен од парите што се даваат кога ќе се роди дете. Како беше – наместо да му дадете риба на гладниот човек, подобро е да го научите да лови риби? Изгледа тоа сè уште не сме го научиле…
912