Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми има три години и не зборува многу, само неколку зборчиња и основното – мама тато баба… Брои и на англиски и на македонски до 10, а ја кажува и азбуката. Кога сака, соработува со мене и мојот сопруг, а потоа си тера по свое. Го носевме на психијатар, ги направивме сите контроли кај неа и сѐ помина во најдобар ред, ми рекоа дека детето е добро, но треба многу да се работи со него. Но, како да работиме кога не соработува со нас, само некогаш кога самиот сака. По цел ден му зборувам, му пеам, редиме сложувалки (без проблем ги реди), но штом ќе ја комплетира сложувалката, се трга настрана и си зборува по негово (неразбирливо), па дури и брои. Прашањето ми е како да му помогнам, како да го надминеме ова?!
ОДГОВОР: Од вашето излагање можам да разберам дека се работи за дете кое има слаб вокабулар и фонд на зборови, понекогаш зборува неразбирливо, брои на англиски и на македонски и ја познава англиската азбука, потешко соработува и го задржува вниманието, односно го работи само тоа што го сака.
Веќе сте поминале некакви проверки во кои се надевам дека е вклучена целосна развојна процена во која ви е укажано на поголема стимулација и работа со детенцето. Она што прво ми паѓа в очи е претпоставката дека детето е рано изложено на технологија, преку која учи броеви и букви на македонски и на странски јазик. Овде би било важно дали и колку време детето е изложено на технолошки уред, каква содржина проследува, по колку време на ден поминува на уред, дали уредот е вклучен во процесот на хранење, периодот пред заспивање итн. Уредот и технологијата можат да бидат сериозна закана за раниот детски развој, па поради тоа препорачувам отстранување на каков било технолошки уред во домот, слушање музика преку аудиоформа, како и поминување минимум два часа во природа, парк, двор итн. Потребна е максимална физичка активност, како и стекнување самостојност во вештините како хранење, самостојно јадење со лажица и виљушка, самостојно облекување, соблекување, миење раце итн. Сензорна стимулација како игри со пластелин, тесто, глина, игри со вода и песок, читање книги и сликовници.
Зголемувањето на соработливоста ќе зависи и од поставените граници кои вие како авторитети треба да ги поставувате дома со цел детето да учи што може, а што не може и не треба. На тој начин детето учи да остане подолго во одредена активност, а со тоа да ги тренира и сите когнитивни процеси.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912