Изложеноста на канабис за време на бременоста е поврзана со голем број генетски промени кај новороденчињата. Со ова се поддржуваат шпекулациите дека употребата на дрога од страна на мајката може негативно да влијае врз континуираниот невроразвој на детето.

Меѓународен тим на истражувачи открил дека пренаталната изложеност на канабис (ПЦЕ) е поврзана со промените во генетската експресија на новороденчињата, кои се задржале и во нивниот возрасен живот. Овие епигенетски промени влијаеле врз повеќе од половина дузина гени поврзани со растот на нервните патишта во различни фази на развој.

-Ние сме први во светот што идентификувавме значителен број молекуларни промени во гените вклучени во невроразвојот и невроразвојните болести во текот на животот. Ова е клучно откритие бидејќи сугерира дека постои молекуларна врска помеѓу пренаталната изложеност на канабис и ефектите врз гените вклучени во невроразвојот – вели генетичарката Ејми Озборн од Универзитетот „Кантербери“ во Нов Зеланд.

Процесот кој ја регулира генската активност, познат како метилација на ДНК, значително се разликувал помеѓу децата што биле изложени на канабис и оние што не биле, особено меѓу седумте гени за кои се знае дека се поврзани со развојот на мозокот, анксиозноста и аутизмот.

Потребно е повеќе да се работи за да се разберат импликациите на резултатите. Вкупниот број на ПЦЕ индивидуи во студијата бил релативно мал, при што само една од двете бази на податоци обезбедува примерок доволно голем за да се контролира пренаталната изложеност на тутун.

Од 858 новороденчиња од таа база на податоци, само 10 биле пренатално изложени исклучиво на канабис. Дополнителни 20 биле изложени и на канабис и на тутун пренатално. Слично на тоа, само 11 од 922 деца на возраст од 7 години во времето на собирањето на податоците биле изложени само на канабис, додека уште 21 биле изложени на двете супстанции.

Целата студија можете да ја погледнете на овој линк.

Извор



912

X