Многу возрасни имаат страв од стоматолог, а секако и децата, па поради тоа избегнуваат прегледи. Кариесот се појавува лесно и брзо доколку не се усвојат здрави навики кај децата од првите денови, објаснува стоматологот Наташа Пејчиќ.

-Појавата на кариес кај малите деца во денешно време е многу честа, современиот начин на живот, кој вклучува консумирање високо обработена храна, леплива, мека конзистенција, богата со јаглехидрати, значително придонесува за зголемување на зачестеноста на кариес кај децата.

За да се спречи појава на кариес кај децата, потребно е да се ограничи внесувањето на шеќерот, односно храна богата со јаглехидрати. Умерената употреба на слатки и избегнувањето слатки пијалаци меѓу оброците се клучни во борбата против расипувањето на забите. Доколку децата јадат слатки, најдобро е тоа да го прават веднаш по главниот оброк, а потоа некое време да не јадат слатка храна за да се активираат заштитните механизми на усната шуплина и да се елиминираат штетните ефекти на шеќерот од храната.

Понекогаш, дури и со најдобра намера, родителите прават грешки кои можат лошо да се одразат врз здравјето на забите на нивните деца. Достапноста на различни, често несоодветни совети и препораки може да биде збунувачка. Агресивното рекламирање на некои непроверени препарати може да има штетно влијание и врз ставот на родителите и изборот на средства за правилно одржување на оралната хигиена. Затоа е многу важно родителите да добиваат навремени и проверени информации од едуцирани стоматолози.

Се препорачува посета на стоматолог во првата година од животот на детето за да се направи преглед, да се види дека сѐ е во ред со растот и развојот, но и за да се дадат вистинските совети и препораки за правилната грижа за детските заби. По првиот преглед се советува да се оди на редовни контроли на секои шест месеци. Овие прегледи овозможуваат рано откривање на проблемите, но и навикнување на детето на посета на стоматолог, со што се намалува стравот од идни посети.

Миењето на забите на детето треба да започне со појавата на првиот заб во устата, а чистењето на усната шуплина на детето по првото хранење, кога устата на детето ќе се премачка со стерилна газа.

Важно е устата на детето да се одржува чиста за да се спречи таложење на наслаги, да се спречи присуството на бактерии и да се одржи соодветна орална хомеостаза во устата.

Во морето од понуди, изборот на соодветни средства за одржување на оралната хигиена кај децата е многу важен. Неопходно е децата да користат паста за заби со соодветна концентрација на флуор, и тоа во соодветна количина. До шестгодишна возраст се препорачува употреба на паста за заби со 1000 ппм флуор, а по шестата година со 1450 ппм флуор. Четката за заби треба да има мала и мека глава за да може да се мијат сите тешко достапни површини.

Децата треба да ги мијат забите под родителски надзор, додека не наполнат околу девет години. Кога ќе успеваат сами да ги врзуваат врвките од чевлите, се смета и дека можат сами да си ги мијат забите. Секако, родителите треба да проверат дали нивните деца доволно добро ги миеле забите – заклучува стоматологот.

Автор: Јасна Дреновац

Извор



912

X