Родителите нè известија дека не им било наложено да го направат тоа, но суптилно им било кажано дека ако сакаат, може да помогнат и да ја купат бидејќи училиштето во моментот не може да ја набави, па ќе треба да почекаат до следната учебна година. „Никој не им кажал, ниту пак требало да купуваат“. Ова е ставот на директорката на училиштето, Елка Даскалова

Родители на ученици од второ одделение во Основното училиште „Владо Тасевски“ од Скопје купиле училишна табла која чинела 8.000 денари за да може нивните деца непречено да ја следат наставата. Директорката Елка Даскалова, пак, ни изјави дека никој не им кажал на родителите да ја купат таблата, туку самите го направиле тоа.

 Jа платиле од заедничкиот фонд што го полнат на почетокот од годината

Родителите нè известија дека не им било наложено да го направат тоа, но суптилно им било кажано дека ако сакаат, може да помогнат и да ја купат бидејќи училиштето во моментот не може да ја набави, па ќе треба да почекаат до следната учебна година. Имено, и ланската учебна година децата се жалеле дека не гледаат ништо од тоа што им го пишуваат учителките на таблата. Мајка на второодделенец ни раскажа дека старата зелена табла на неколку места била напукната и воопшто не останувало ништо на неа од белата креда.
– Неколку пати на родителските средби се отвори ова прашање, но ни беше кажано дека училиштето не може во моментот да набави нова табла. А другите три одделенија со вторачињата добија нови бели табли на кои се пишува со фломастер уште минатата учебна година. Така ја почнаа годината. Некои од родителите одбиваа да учествуваат во купувањето нова табла и со право бидејќи тоа мора да го обезбеди училиштето. Но, на крајот по линија на помал отпор сите попуштија во име на доброто на нивните деца – вели мајката.

Белата табла на која се пишува со фломастери чинела околу 8.000 денари. Родителите ја платиле од заедничкиот фонд што го полнат на почетокот од годината. Секој родител издвојува по 1.000 денари.
– Тоа се пари што ги собира благајник и од нив плаќаме за обезбедување, за списанија, за осигурување, за некои заеднички материјали. Дополнително секој родител носи бришачи, тоалетна, марамчиња, по два топа хартија за печатење. На почетокот на училишната година лани родители донираа телевизор и печатач. Но, ова со таблата особено нè изиритира, за што плаќаме ние даноци ако државата не може една табла за пишување да им обезбеди на децава – вели револтирано мајката.

Ако ја купиле, нека си ја извадат

„Никој не им кажал, ниту пак требало да купуваат“. Ова е ставот на директорката на училиштето, Елка Даскалова.
– Јас немам информација дека некои родители сами си купиле табла. Ако ја купиле, нека си ја извадат. Од училиштево никој не бара од родителите да купуваат нешто, тие сами донираат или купуваат. На пример, во едно одделение сакаа да купат прочистувач за воздух, јас не и им го дозволив тоа – вели Даскалова.

Ја прашавме и зошто училиштето не набавило нова табла бидејќи старата не била веќе добра за користење.
– Во училиштево сменивме 12 табли во последниов период, се потрошија средствата и едноставно не дошло ред и за оваа училница. Сигурно дека ќе ја набавевме откако ќе обезбедевме средства – вели Даскалова.
Инаку, речиси и да нема училиште во Македонија во кое родители не купуваат сапун, тоалетна хартија, донираат телевизори, печатачи, клима-уреди, а некаде и ги опремуваат училниците со шкафчиња и мебел.

Од Министерството за образование и наука велат дека никој не смее да бара од родителите да купуваат нешто за потребите на наставата. Но, овој тренд никако да престане.
– Може само со дозвола од Совет на родители, ако самите одлучат да донираат нешто, а никој не смее да им наметнува дека треба да купуваат сами. Ако се најдат во таква ситуација, треба да пријават во Државниот просветен инспекторат – велат од МОН.
Но, родителите велат дека ако не купат сапун, тоалетна хартија, децата нема да може да ја одржуваат хигиената.
– Кога син ми беше прваче, во училницата немаа шкафчиња, па купивме пластични фиоки, немаа закачалки, па купивме. Потоа дојде ред за печатач, телевизор, па хартија за печатачот итн. Од училиштава не велат отворено „купете“, туку „да знаете дека нема и добро би било да донира некој“. Кој родител ќе дозволи детето да нема со што да си ги измие рацете – вели родител на ученик од Општина Аеродром.



912

X