Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам бебе од 25 дена, цело време плаче толку многу што дури и зајдува. Што да правам, ве молам за совет!

ОДГОВОР: Секое новороденче е уникатно, има свој темперамент и преференции. Иако плачењето го поврзуваме во негативна конотација, сепак, тоа е единствениот начин на кој новороденчето комуницира со оние околу него сигнализирајќи некои од своите потреби. Плачењето има различни основни причини, кои можат да се манифестираат во различни периоди од денот. Бебето често ја изразува својата непријатност преку одредени движења на телото, мимики на лицето, но доколку потребите не се задоволени, тогаш се расплакува или едноставно бара внимание.
Затоа концентрирајте се на карактеристиките на плачот, слушајте го, набљудувајте го однесувањето на бебето за да се обидете да го протолкувате (колика, рефлукс, глад, мокра пелена итн.) неговиот сигнал и соодветно да одговорите.

Често новороденчето многу плаче, се грчи, се превртува, ги влече нозете кон стомакот, лицето му е црвено, рацете му се стегнати кога се појавува непријатната болка од колики (грчеви) кои се доста чести кај бебињата. Ова плачење може да трае со часови и престанува само кога бебето е целосно исцрпено.

Најдобар начин да го смирите е да го држите в раце, нежно да го тапкате и масирате. Гукањето, тивкото пеење или нишањето може да помогне да го утешите, како и промената на средината, мала прошетка или пуштање тивка музика. Доколку сте вознемирени или се чувствувате премногу анксиозни, бебето чувствува сѐ што ви се случува, па би било добро да направте пауза и бебето да го смирува другиот родител или некој друг близок. Најважно е да останете смирени, бидејќи само така можете вистински да му помогнете на своето дете.
Сѐ додека бебето е здраво, гласното, продолжено плачење е едноставно нормална развојна фаза низ која поминуваат бебињата. Секако, слушајте го вашиот инстинкт, доколку сте загрижени, јавете се на вашиот педијатар кој ќе може да ви помогне.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X