Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојот син има 3 години и во последниов период многу чудно се однесува. Секој ден оди со плачење во градинка и вели дека не сака да оди, не му е убаво таму, дека нема да го земеме, дека некое дете го удрило и сл. Разговарано е и со воспитувачките и кажано ни е дека во последниот период е повлечен, дека не сака да игра, не сака да спие и плаче. Велат дека немало ситуација некој да го удрил, ниту бил искаран бидејќи по природа е мирно дете. Потоа и дома е многу раздразлив, за сѐ плаче, на пример, зошто вратата е затворена, не сака пижами за спиење, ако некаде одиме, плаче за да се вратиме дома и сл. На сите можни начини му објаснуваме, му зборуваме, но нема подобрување, секој ден е исто. Дали ваквото однесување се должи на тоа што сум на породилно отсуство и останувам дома со помалото дете или можеби е нешто друго. Ве молам за совет како да постапам.
ОДГОВОР: Како што споменавте, однесувањето на вашето дете се манифестира во последниот период и не било карактеристика претходно. Секогаш тргнуваме од тоа која е значителната ситуација и збиднувањето што му претходело на однесувањето. Она што вам ви се случило како значајна ситуација во домот е приновата во семејството и променетата семејна динамика.
Повеќе мама не оди на работа или не извршува одредени обврски, туку останува дома со малото бебе. Поради таа динамика, децата на оваа возраст разбираат дека потребата од посетување градинка е неоправдана, односно има кој да ги чува дома. Таквата неправда која ја чувствува детето ја изразува преку отпор и раздразливо однесување. За да му го олесните овој процес, може да му кажете и дека малото бебе посетува градинка и оди во јасли.
Кога ќе се врати од градинка, создајте ритуал „да раскажам што ми се случи денес“. Почнете вие и раскажете ситуација со која сте се соочиле во текот на денот, а потоа зборувајте во име на бебето, на пример, дека тоа во градинка запознало ново другарче бебе, дека пробало некое ново јадење итн. На крајот отстапете му простор на поголемото дете да раскаже ситуација на денот. На тој начин покажувате воедначена и иста динамика за сите, а со тоа создавате и простор за ново убедување дека ништо не губи и никој не е во подобра позиција.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912