Во библиотерапијата може да се користат различни литературни текстови, а изборот на приказна е една од најсложените задачи на библиотерапијата.

Библиотерапијата може да се спроведува со поезија, уметнички или народни приказни, избрани делови од романи, митови, легенди, народни приказни и бајки. Меѓутоа, за да има ефект, при изборот на текстови треба да се земе предвид крајниот ефект на работата врз слушателите, да се знаат нивните проблеми, интереси и оние на читателот. Децата треба да се научат да ги препознаваат сопствените чувства со цел тие да послужат како водич за понатамошно правилно постапување и самоконтрола. Токму тоа се случува преку библиотераписка сесија во интерпретација на одбран литературен текст и негова драматизација, односно спроведување ситуациона, симболичка или куклена игра врз основа на дадено литературно дело. Психолошката практика покажува многубројни ефекти од библиотерапијата врз менталното здравје и развојот на децата.

Би споменала неколку:

Афективни промени (ставови, емоции, вредности)

  • Стимулира емпатија
  • Создава позитивни ставови
  • Ги подобрува личните и социјалните приспособувања
  • Создава позитивна слика за себе
  • Го ублажува емоционалниот притисок
  • Развива нови интереси
  • Промовира толеранција, почит и прифаќање на другите
  • Го поттикнува сознанието дека во секого има добро
  • Му помага на клиентот да идентификува општествено прифатливо и неприфатливо однесување
  • Поттикнува преиспитување на моралните вредности, што резултира со развој на карактерот

Когнитивни промени (интелектуални, мислење, расудување)

  • Стимулира критичко размислување, како што се анализа, донесување заклучоци и импликации, донесување одлуки, решавање проблеми и расудување
  • Дава перспектива на проблемите за да можат да се вклучат во соодветен животен контекст, читателот ја гледа универзалноста на проблемот
  • Дава увид во човековото однесување и сопствените мотиви
  • Развива способност за самоевалуација
  • Поттикнува планирање пред акција
  • Овозможува дискусија на неперсонално ниво
  • Открива дека проблемите имаат многу алтернативни решенија и дека поединците имаат избор при решавање на проблемите.

Пишуца: Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца



912

X