„Момчињата се такви“, „Пушти го, тој е само момче“ и третата „Кој се тепа, тој се сака“ се три токсични реченици што можат да одредат дали вашата ќерка ќе најде дечко кој ќе ја тепа. И поради кои вашиот син може да стане насилник. Да престанеме да го нормализираме лошото машко однесување.

Ако сте жена, сигурно се сеќавате на детството кога на момчињата им беше дозволено многу повеќе отколку на девојчињата. Според некое заедничко воспитување, моравме да бидеме добри, пристојни, уредни, слатки, тивки, додека момчињата гласни, диви, насекаде со модринки од паѓање и што уште не.

Ако девојчињата играа како момчиња, некако тоа не беше добро. Девојка му прави нешто на момче и веднаш добива лекција да не го прави истото бидејќи тоа не го прават добрите девојки. Момче ѝ прави нешто на девојчето, а девојчето добива информација дека тој е само момче. Момчето поминува само со реченицата „Не задевај ја“.

Што ни кажуваат речениците што ги споменавме, а сѐ уште ги слушаме од некои родители:

„Тој е момче (затоа не мора да биде добар како што си ти бидејќи си девојка, но ние го прифаќаме таков каков што е).

„Момците се такви“ (ние им дозволуваме сѐ)

„Кој се тепа, тој се сака“ (запомнете, удирањето е знак на љубов).

Вчера едно такво момче ѝ забрани на ќерка ми да се качи на тобоганот и малку ја поттурна. Ништо страшно. Таа не се повлече и не почна да плаче.

Не ми падна на памет да кажам „пушти го, оди играј на друго место“, но друга мајка до нас ми го кажа тоа. Мислам дека веднаш ја почувствува молњата од мојот поглед.

Посегнав и го прегрнав моето девојче, а потоа му реков: „Не дозволуваме момчињата да се однесуваат лошо со малите девојчиња. Оди на тобоганот и не дозволувај момчињата да ти кажат што да правиш. Ако те турка, силно кажи му „Стоп! Престани!“

Се воздржувам од тоа да го учам детето да возвраќа, иако повеќе би сакала да кажам „Ако те турка, турни го и ти него“. Но, насилството раѓа насилство и не сакам никого да учам на насилство.

Секогаш ја учам да се труди да спречи удирање или какво било насилство. Ова не подразбира ниту удирање на другиот ниту повлекување. Ако некој треба да се повлече, тоа е насилникот.

Го мразам тоа што мажите ги злоупотребуваат жените од детството до гробот, а сето тоа започнува со невино туркање во парк каде што девојките се повлекуваат.

Тој што го туркаат не треба да се симне од лизгалката, туку тој што ги турка другите. Не сакаме да ги научиме нашите деца да се кријат од насилниците, ниту пак да ги научиме дека насилниците победуваат.

Секогаш ја учам да не удира никого, ако случајно собори некого, ја учам да му помогне, ако повреди некого, да го прегрне… Се фокусирам на тоа како другите се чувствуваат и ја учам на емпатија. Но, ми се чини дека моето „данско воспитување“ не функционира на Балканот, каде што сè уште живее изреката „кој се тепа, тој се сака“.

Таа реченица ме згрозува. Насилството врз жените е на исклучително високо ниво, а ние сè уште им всадуваме во нивните мали глави дека удирањето е знак на љубов. Па, не е!

Удирањето е знак на слабост. Кој се тепа е слаб и мизерен. Оние што се тепаат не знаат како да ги контролираат своите емоции. Тие што се тепаат треба да одговараат за своите постапки.

Полот не го оправдува однесувањето. Ниту, пак, треба да гледаме на тоа така.

Мајки на момчиња, вие воспитувате нечии идни сопружници и татковци. Не сакате да станат насилници.

Мајки на девојчиња, научете ги ќерките да не се кријат. И дека на удар или на повлекување треба да гледаат како на нешто страшно, неприфатливо и грозно. Да престанеме со нормализирање на ударите!

Автор: Барбара Сладе Јагодиќ

Извор



912

X