Многу пати имаме повторено дека совршен родител не постои. Исто толку пати имаме повторено дека ни е дозволено да грешиме, дека имаме право да бидеме лути, тажни, разочарани. И ние возрасните, но и децата.

Теоретски сите знаеме дека не е наше да им судиме на другите родители. Немаме сите исти принципи, цели, па и капацитети. Да, секој од нас расте и се развива за да биде подобар родител за своите деца, но кој може да каже што значи да се биде најдобар родител? Дали тоа е никогаш да не викате, секогаш да бидете доследни, да го воспитувате детето само како што пишува во книгите, додека ние броиме до 10 и го голтаме гневот за тоа што на детето по 20. пат му рековме да не ја фрла лажицата на под, а сепак го прави тоа? Тешко. Тешко затоа што тоа значи дека не си автентичен. Или, послободно кажано, тоа значи дека глумите.

Понекогаш, бидејќи сме луѓе, имаме избор: да проголтаме сè, со желба да ги следиме сите правила на позитивно воспитување и да не го „оштетиме“ своето дете ИЛИ да бидеме човек и да му покажеме на детето дека и тоа е нормално. Да, постои „вистински“ начин за секоја ситуација. Детето кое 20 пати фрлило лажица на подот требало да го кренат од столчето по 3. пат со нежно: „Гледам дека веќе не си гладен, па ќе го завршиме појадокот.“ Без лутење. И можеби ќе можете во повеќето случаи. Но, што ако вашето дете ве разбуди седум пати таа ноќ? Ако баба требаше да дојде да помогне денес, но сепак нема да може? Ако кафето зоврело, машината за перење откажала? Кое човечко суштество на оваа планета го има тој капацитет да остане смирен во секоја ситуација?

Навистина се трудев и верував дека одлично ми оди. Во неколку наврати бев многу гордa на себе затоа што успеав да ги смирам емоциите и да не викам кога сѐ во мене врескаше. Но, сфатив дека многу пати испадна обратно. Преку пасивна агресија. Веројатно најотровнa од сите.

Во една пригода разговарав со мојата ќерка и лежерно прашав што најмногу ја нервира кај мене? Што ѝ пречи?

– Па, она што најмногу ме лути е кога ќе ми пријдеш, како мирно да ми кажуваш нешто, а знам дека си многу лута. Како вчера кога ми рече да не бојам по темперите во новиот фустан, а јас не те послушав, па боев. Видов дека си лута, но мирно ми рече: „Ништо, мила, сега треба да облечеме нешто друго за роденденот на Мила. Можеме да го фрлиме тој фустан“. Знаев дека си лута, а се преправаше дека не си.

Понекогаш е потребен разговор како овој за да се вратите на фабричките поставки. Па, нели ќе беше подобро милион пати да кажам: „Па, побогу, дете, ти реков да не боиш во тој фустан! Сега слободно можам да го фрлам!“ Се разбира, не со хистерија, туку само колку да го ослободам гневот затоа што СУМ ЛУТА и сум повторила неколку пати.

Знам дека би било најдобро да не ме налутеше ситуацијата и дека е само фустан и дека најдобро е мирно да кажеш: „Ништо, драга, на роденден ќе мораш да го носиш старото“. Но тоа важи само ако навистина се чувствувате смирено. Вие едноставно станувате пасивно-агресивни и детето го гледа тоа. Го чувствува и веќе не ви верува.

Секако, сето ова не значи дека треба да им викаме на нашите деца за секоја грешка (НИКОГАШ не постои изговор за навреди и етикети) и дека автентичноста значи ослободување од лавина гнев секогаш кога ќе ја почувствуваме. Ако во секојдневните ситуации имате потреба да го кренете гласот поради најмала ситница, тоа значи дека имате фрустрација во себе и дека ви треба помош. Не срамете се да побарате помош. И за себе и за вашето дете.

Но, не ставајте ја маска на смиреност кога ја нема. Лутината ќе си го најде патот. Понекогаш е потешко и полошо за вашиот однос со детето.

На крајот на краиштата, некој мудрец рекол:

Родителот кој никогаш не го крева гласот на своето дете, не поминува доволно време со него“. И има многу вистина во тоа.

Извор



912

X