Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има една година и 7 месеци. Има проблем со спиењето, од прв ден се трудиме и се држиме до истата рутина за спиење, си имаме време кога го заспиваме, прво го бањаме, кажуваме добра ноќ на тато и одиме во соба. Се заспиваме со песнички, доење, гушкање. Во сета таа рутина е вклучен и таткото. Почна да се буди навечер на 4-месечна возраст, но од пред некој месец тоа будење е проследено со плачење, давање отпор при гушкање обвивање повторно да заспие, како да се плаши во сон. Многу често остануваме будни некој саат и тогаш сака да си игра.
Оди во градинка и нема проблем, секогаш оди радосен, таму си заспива сам, јаде, си игра со децата. И дома е активен, секогаш е во движење, си игра, гледа и цртани, но краток период, па се заигрува со нешто друго. Ве молам за совет, дали ова е само период, дали нешто треба да променам во поглед на активности во текот на денот или во рутината за спиење?

ОДГОВОР: Ноќните будења се карактеристични во првите 3 години од животот на детето, тие се природни и физиолошки. Малите децата сè уште го развиваат режимот на спиење, а различни фактори можат да доведат до ноќно будење.

Рековте дека вашето дете оди во градинка, дека е доста активно, во движење и игра. Како расте, така неговата независност е поголема, средината е доста стимулирачка, неговата дневна рутина е со многу информации, а воедно и емотивно се развива и доживува сѐ, како во градинка така и дома. На оваа возраст се случуваат и значителни развојни промени, како што се развојот на јазикот, моторните вештини и когнитивниот раст. Сето ова може да доведе до вакви ситуации на будење со плачење, останување будно некое време и повторно запивање.
Знам и верувам дека ваквите епизоди се доста напорни за вас, но оваа фаза ќе помине.
Продолжете со сѐ што правите како и досега, ритуалите, рутината пред спиење и предвидливоста.
Потрудете се непосредно пред да заспие, да не гледа телевизија и нeшто што го стимулира премногу, туку да има некои порелаксирачки и помирни активности.
Верувам дека кога станува и плаче, ве вознемирува, имате чувство на несигурност и не знаете на кој начин да постапите, па веројатно ве фаќа паника, но од клучно значење е да одговорите на потребите на вашето дете со трпение и љубов, бидете смирени и нежни, кога плаче, бидете до него. Не мора многу да зборувате, играта може да биде многу кратка и тивка за да може наскоро пак да заспие. Понекогаш е доволно само да го почувствува вашиот допир и пак да заспие или да му ја дадете омилената играчка, ќебенце …Како што вашето дете ќе созрева, така и овие епизоди ќе се намалуваат.
Со растот, сонот ќе се стабилизира, будењето, немирот, регресивните појави ќе исчезнат и ќе се направи простор за поконтинуиран сон, со позитивни ефекти и врз дневната активност и неговото расположение.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X