Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 14 месеци, но има проблем со храната уште од 4,5 месеци кога почна да го одбива адаптираното млеко, т.е. пиеше мала количина и тоа со плачење. Бидејќи е прематурче, не седеше стабилно и никако не ги прифаќаше кашичките. Периодот на неставање килажа беше подолг. Сега е сосема незаинтересирана за храна. Воопшто не плаче за јадење. Почнав да давам парченца, така сакаше, но само помека храна. Сега не сака да ја хранам јас, туку сама си зема од масичка. Но тоа трае кратко, неколку залчиња и толку. Килажа никако не качува, може некој месец ќе стави 100-200 грама, па нареден ќе стагнира. Крвната слика е добра, таа е многу активна, реагира на секој звук, на секоја промена околу неа, но воопшто не бара храна. Се соочувам и со проблем да нема кој да ја чува поради тоа што не јаде. Размислувам дали да ја запишам во градинка.

ОДГОВОР: Сосема ја разбирам вашата загриженост. Вашето дете е предвремено родено и оттаму почнуваат сите родителски грижи околу тоа со колку килажа ќе напредува и колку ќе јаде.

Можам да разберам дека вашето дете, иако нема силен апетит, сепак е здраво дете со добра крвна слика и нејзиниот слаб апетит не покажува никаква причина за грижа за нејзиниот развој.
Она што е важно да знаете е дека претераната загриженост на родителот кон одредена област или активност станува притисок за детето кој се манифестира како отпор во таквата активност, конкретно сега хранењето. Таа сака да јаде самостојно, но во мали количини. Понудете ѝ го токму тоа. На хранилката ставете само три парченца банана и не доведувајте се до состојба да го фрла остатокот.

На тој начин можете да воспоставите почести интервали на оброк во таа мала количина и тоа е сосема во ред. Исто така, размислувањето во насока на вклучувањето на детето во социјална средина е оправдано во делот кога социјалната средина, односно другите деца би ѝ биле пример за охрабрување за тоа дека да се јаде е убаво и пријатно доживување на вкусови.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X