Во моменти кога децата се чувствуваат вознемирени, на пример, за време на изливи на бес, наоѓањето на вистинските зборови може да биде клучно за нивно смирување. Сепак, родителите понекогаш може да се чувствуваат збунети во такви ситуации.
Едукаторот за родителство, мајка и психолог Џејми Блох споделила неколку совети. Во неодамнешната објава на „Инстаграм“ таа истакнала пет фрази кои можат да го стават под контрола изливот на гнев.
Фразите се следните:
„Можам да видам дека си навистина вознемирен во моментов. Во ред е да се чувствуваш така.“
-Препознавањето на емоциите на децата им помага да се чувствуваат разбрани, што може да го намали интензитетот на емоциите – истакнала таа во објавата.
„Ајде да земеме длабок здив заедно. Вдиши полека… и издиши. Дишењето помага“.
-Оваа смирувачка активност им помага и на родителите и на децата да се смират и да ја вратат контролата – објаснува Блох.
„Ова можеме да го решиме заедно. Тука сум да помогнам и ќе најдеме решение.“
-Овој пристап го намалува чувството на осаменост кај децата – тврди воспитувачката.
„Имаш избор: можеме да направиме кратка пауза додека не бидеш подготвен повторно да се обидеш, или можеме да продолжиме со нешто друго. Што би преферирал?“
-Обезбедувањето избор им дава на децата чувство на контрола и автономија – вели Блох.
„Во ред е да се чувствуваме вака, но треба да најдеме зборови за да зборуваме за она што нè мачи наместо да викаме.“
-Препознавањето на чувствата на децата и поставувањето граници со љубезност им помага да ги преземат следните чекори – тврди Блох.
Кога детето има бес, родителите често се чувствуваат фрустрирано и беспомошно. Разбирањето како функционира детскиот мозок во овие моменти може значително да го промени начинот на кој пристапуваме и му помагаме. Истражувањата покажуваат дека за време на бес, мозокот на детето реагира со прекумерен стрес.
Зголеменото ниво на кортизол го преплавува телото, што ја намалува способноста за размислување. Затоа традиционалните методи на казнување често го влошуваат изливот на бес. Најефективниот пристап во такви ситуации се заснова на сочувство и разбирање, а не на дисциплина.
912