Грчеви се јавуваат кај новородените бебиња во сите делови на Земјата, без оглед на условите на надворешната средина и годишните времиња. Причините за појавата се само до одреден степен разјаснети и затоа се предмет на медицински истражувања. По правило, грчевите или инфантилните колики се појавуваат две недели по раѓањето и предизвикуваат неутешно плачење кај бебињата. Највисокиот интензитет го достигнуваат помеѓу 3. и 6. недела. Тие се карактеризираат со спонтано прекинување обично до крајот на третиот, а најдоцна до петтиот месец од животот.
Како да ги препознаете
Таканареченото „правило на бројот 3“ често се применува во педијатриската практика за да се утврди дали плачот на бебето укажува на појава на колики. Според тоа, ако се во прашање грчеви, бебето плаче:
-3 или повеќе часа на ден
-најмалку 3 дена во неделата
-најмалку 3 последователни недели.
Исто така, постојат некои други индикатори:
Модел на плачење – Кога ќе се појават колики, бебето плаче погласно и повеќе вреска од вообичаено. На моменти изгледа како да останува без здив.
Бебето е многу вознемирено – бебето прави болни фаци додека плаче, при што неговото лице станува многу црвено, ги грчи рацете, ги стега тупаниците, ги свиткува нозете и ги влече кон стомакот.
Бебето е задоволно, но плаче – Ако бебето спиело, јадело, а пелената му е чиста и неутешно плаче, тоа може да биде знак дека страда од колики.
Плачење во исто време од денот – Иако не е правило, епизодите на плачење кои се јавуваат поради грчеви се најчести во попладневните и вечерните часови.
Плачењето влијае врз сонот и хранењето на бебето – Бебето одеднаш се буди со плачење веднаш откако ќе заспие или го прекинува оброкот по неколку голтки и плаче. Помеѓу епизодите на плачење бебето се однесува сосема нормално.
Грчевите кај бебињата се минлива состојба која се класифицира во групата на функционални нарушувања на цревата. Важно е родителите да знаат дека тие не се болест, туку привремена состојба.
Недостиг на лактаза и појава на грчеви
Лактазата е ензим кој го разградува млечниот шеќер лактоза. Кај голем број новороденчиња и бебиња сè уште неразвиениот и незрел интестинален тракт произведува мала количина на ензимот лактаза. Таа количина не е доволна за разградување на лактозата од млекото. Недоволно разградена во тенкото црево, лактозата од млекото стигнува до дебелото црево и таму се ферментира, што доведува до ослободување на големо количество гасови кои ги прошируваат цревата и предизвикуваат болка која се манифестира како колика.
Лактазата се додава во мајчиното млеко или млечните формули, со цел да се разложи лактозата, сложен шеќер од млекото, во едноставни шеќери, што го олеснува варењето и ја намалува појавата на грчеви во стомакот кај новороденчињата и доенчињата.
Развој на дигестивниот тракт и корисни бактерии
Развојот на дигестивниот систем на бебето започнува во текот на бременоста, а продолжува за време на породувањето со населување на добрите бактерии, како и подоцна во текот на животот. Една од првите бактериски култури што ја колонизираат цревната флора на новороденчињата е „Lactobacillus reuteri“. Таа е една од најдобро истражените добри бактерии за употреба кај доенчиња, чии ефекти се докажани во повеќе од 200 клинички студии. „Lactobacillus reuteri“ е отпорен на киселата средина на желудникот, што му овозможува да стигне до цревата без оштетување.
Како да му помогнете на бебето кога има колика
Се препорачува да се користат капки за орална употреба, препорачани од педијатар. Дозата е вообичаено по пет капки од двете шишиња, пред секое хранење/оброк.
Исто така, на родителите им се препорачува да ја смират атмосферата во домот во попладневните и вечерните часови, за метежот и вревата дополнително да не ја зголемат нервозата кај бебето, која се јавува како последица на коликите. Подригнувањето по оброк е задолжително бидејќи вишокот воздух или храна во стомакот може да ја влоши состојбата. Помага и нежно масирање на стомакот на бебето, бидејќи го поттикнува исфрлањето на гасовите. Наместо масажа, можете да го носите бебето со стомакот потпрено на вашата рака или тело. Многу родители тврдат дека бебето покажува знаци на олеснување откако ќе му го загреат стомакот со топла пелена, бидејќи топлината ги опушта мускулите на цревните ѕидови.
912