Здраво, да ви се претставам: Јас сум речиси секоја млада мама на овој век и верувам дека ќе се согласите со мене за ова што имам да го кажам по речиси 3 години „искуство“.
Се сеќавате на моментот кога ги видовте оние две линии на тестот за бременост кој го направивте скришно во вашиот тоалет? Се сеќавате на оној рингишпил од емоции: – радост, неверување, паника, страв и една нова бескрајна љубов за таа мала точка, за тој мал живот од 5 мм кој се вгнездил и растеше во вас? Јас се сеќавам и се надевам дека никогаш тој толку јасен спомен нема да ми се затскрие зад нешто сосема неважно. Ох, со колкаво нетрпение ја чекав секоја следна контрола, да видам колку пораснала, да ја видам иако постојано ги чувствував нејзините движења во мене и кога дојде време да ја земам в прегратка, посакував само уште малку мојата бременост да потрае – знаев дека таму е најбезбедна. За ова последново знам дека некоја од вас нема да се согласи, знам колку некогаш може да биде тешка бременоста, во некои случаи и ризична, и дека некоја мајка едвај чекала да си го земе бебето в раце и да ѝ се ослободи телото, но сите сме различни, ама на крајот од денот сепак сме многу слични.
Да продолжиме…
Дојде моментот кога моето дете се роди, дојде моментот кога ја зедов в прегратки, кога ѝ го слушнав гласот и помислив: „Нема посакано бебе од моето“. Нашето пристигнување дома ми беше многу стресно – морав да ја делам со други луѓе. Помислата да ја видам во туѓи раце едноставно ми создаваше многу непријатно чувство и стрес, а помислата на тоа дека тоа што го чувствувам не е нормално или природно придонесуваше уште толку да се чувствувам напнато и себично. Па сега мои драги мајки, да ве прашам – колку навистина тоа што го чувствував беше несекојдневно или неприродно? Зошто не разговараме отворено за нашите потреби како родители, како мајки?
Јас и сопругот имаме големо семејство, тоа се многу „туѓи раце“ кои ќе ја држат ќерка ми, а јас морам да живеам со тоа – тоа беа моите мисли по породувањето. Се борев со себе навистина, несвесна дека всушност страдам од постпородилна депресија, но дали навистина таа толку честа постпородилна депресија е депресија или едноставно природен мајчински инстинкт кој се раѓа со раѓањето на едно бебе и на жената како мајка? Дали нашите мајки, баби, свекрви заборавиле на времето кога тие биле млади мајки, дали можеби и тие размислувале како јас сега или навистина тоа било едно друго време во кое мајките биле сосема различни? Ако се прашувам јас, мислам дека и тие го чувствувале истото, но за жал тогаш за емоциите многу малку се разговарало.
Во приквечерина разговарајќи со мојата 80-годишна баба, која е навистина прекрасна жена, сопруга и мајка, сега и баба и прабаба, ми откри дека ѝ било многу тешко да ја остави ќерка си, мајка ми, на гости за викенд и како едвај чекала да поминат тие два дена за повторно сите да се вратат дома.
Дали навистина сме толку различни колку што им одговара на бабите и мајките да бидеме за да можат да нѐ критикуваат како што тие биле критикувани или сите некогаш сме биле таа една млада мајка со истите секојдневни предизвици?
Нејсе, моментот кога родителите на таткото првпат го запознаваат бебето, ќе се согласите со мене, во 90% од случаите констатираат дека бебето е исто како таткото. Личи на него, трепка како него, спие како него, едноставно да скратиме – тие се еднојајчени близнаци само што всушност се татко и син/ќерка. Во тој хормонски дисбаланс, во таа бура од емоции, во целиот пресврт во животот на родителите, но посебно на мајката – таа едноставно е исклучена од генетиката на бебето и тоа нема апсолутно ништо со неа.
Мои драги БАБИ и дедовци, дали имате некаква идеја што всушност се случува со мајката која, еве како мене, веќе речиси 3 години ги слуша истите фрази кои веројатно на сите ви се познати: „Цела е на татко ѝ, и на лик и во карактер“ или „Вака татко ѝ спиеше на нејзина возраст“, „Татко ѝ прооде на 9 месеци, сигурно и таа ќе прооди на 9 месеци“, „Татко ѝ прозборе на 4 месеци, кај и да е, и таа ќе прозбори“, „Татко ѝ исто вака трчаше како таа што трча“, „Цела е на наша фамилија“ и да не набројувам понатаму, мислам дека сите доволно се исфрустриравме од овие примери.
Зошто, навистина прашувам, зошто имате потреба да го правите тоа континуирано? Дали мислите дека вие можете повеќе да го сакате тоа дете од неговите родители? Или може вам да ви биде повеќе мерак отколку нам? Дали вашето мислење може да биде поважно и повреднувано од нашето? На крајот на краиштата, моите очи и нечии туѓи не гледаат исто и извинете на дрскоста, меѓутоа вашето поминало и понекогаш за доброто на сите е најпаметно да молчите!
Впрочем, и ние мајките имаме родители кои нѐ израснале и сигурно нашите деца ги потсетуваат на нас и на лик и во карактер, но јас досега не сум слушнала мајката на мајката толку да го наметнува своето мислење, во сѐ да го споредува бебето со своето дете. Верувам дека постојат и такви случаи, но се многу, многу поретки во споредба со родителите на таткото. Еве најискрено, оти тоа сѐ помалку го има деновиве, со секоја наредна споредба или констатација дека моето дете е „цело на неговата фамилија“, се чувствувам како да ми го одземаат, и токму тоа ме натера да седнам и да го напишам сето она што го мислам во мое име и во името на многу млади мајки што се измачуваат со истиот проблем.
Ние како родители на една прекрасна ќеркичка никогаш не сме го поставиле прашањето „На кого ти личи?“, ниту пак нѐ интересирало. Ние како родители едноставно сакаме нашето дете да биде најдоброто од нас двајца, да не биде како мајка ѝ, ниту пак како татко ѝ, единствена наша желба е таа да биде своја и да биде најдобрата верзија од себе. А вие, несовесни баби и некултурни дедовци, им наметнувате една слика за самите нив и апсолутно ги ограничувате подметнувајќи им карактерни особини кои можеби воопшто не се дел од нивниот генетски код.
Драги мои читатели, дали опсесијата на бабите и дедовците со внучињата е безопасна? Од мое искуство – апсолутно не! Се радувам за оние што имаат хармоничен однос со бабите и дедовците, а за оние како мене – ве гушкам најсилно и најважно од сѐ – има некој што ве разбира!
Автор: А.В.
912