Вашата идеја за среќа често знае да се врти околу еден сончев ден кој знае да ви даде доза позитивност, oсобено во текот на топлите летни денови!

Но, кога сте бремени, сценариото добива сосема поинаква димензија. Многу веројатно дека луѓето постојано ќе ве советуваат за тоа што треба да направите, а вие веќе ги знаете потребните информации за секоја мала работа. Бременоста и изложувањето на сонце за вас и вашето малечко се неизоставен дел, па затоа вие како идна мајка не би сакале да прескокнете ниту еден сегмент да го зголемите своето знаење во врска со тоа.

Дали сончевата светлина е корисна во бременост?

Општо познато е дека изложувањето на сонце е добро кога ви недостига потребната доза на витамин Д. Затоа, изложеноста на сонце станува неопходна, па дури и за бремените жени бидејќи помага во обезбедувањето на коскената формација на вашето бебе. Покрај тоа, силниот имунитет за вас и за вашето малечко неминовно зависи од оптималната доза на овој витамин!

Спротивно на горенаведениот факт, бременоста предизвикува вашите хормони да го достигнат својот пик!

Ова, од своја страна, ја прави вашата кожа посензитивна од кога било. Така, подолгите изложувања на сонце се особено деликатни кај вас како бремена жена.

Чувствителноста на сонцето за време на бременоста се зголемува и може да биде полна со ризици за вас и за вашето малечко.

Кои се потенцијалните ризици од изложување на сонце за време на бременоста?

Рак на кожата

Ова е главната грижа за жените што се бремени! Една студија посочува дека бремените жени што се изложени на УВ-зраци во подолг временски период видно го зголемуваат ризикот за појава на рак на кожата. Ова се должи на изгорениците кои следуваат по продолженото сончање. Како што веќе беше дискутирано, бремените жени се склони кон посензитивна кожа и затоа имаат повеќе шанси за појава на сончаница и изгореници.

Мелазма

Позната и како „маска за бременост“ е состојба која може да доведе до промена на бојата на кожата. Знаете ли дека кај бремените жени хормоналните промени може да доведат и до прекумерно производство на меланин, кафеавиот пигмент на кожата? Таквата состојба може дополнително да додаде чувствителност, со што вашата кожа ќе ја изгуби својата боја кога ќе биде изложена на сонце.

Дехидратација

Додека уживате во сончевите зраци, може да заборавите да ги примите соодветните количини на течност. Ова може да доведе до појава на дехидрација. Иако тоа е чест случај, без оглед на тоа дали сте бремени, несаканите ефекти може да се појават веднаш во бременоста. Дехидрацијата кај бремените жени може да го зголеми срцевиот ритам и може да ја намали количината на кислород наменета за бебето.

Фолна киселина

Некои студии укажуваат на фактот дека преголемата изложеност на сонце кај бремените жени може да доведе до намалување на нивото на фолатите. Ако такво нешто се случи, тоа може да доведе до абортуси или дефекти на невралната туба кај бебињата. Фолната киселина е неопходна, а особено во текот на првиот триместар од бременоста, токму затоа се препорачува да се намали изложувањето на сонце во овој клучен период!

Дали смеам јас како бремена жена да користам крем за заштита од сонце или треба постојано да сум под сенка?

Кремовите за заштита дејствуваат како совршено нешто против изгореници и други оштетувања на кожата. Но, дали бремените жени смеат да ги користат?

Одговорот е, ДА, кремовите за заштита може да ги користат бремените жени.

Но, кој крем е најсоодветен за користење?

Тие се категоризираат во два вида, односно физички и хемиски блокатори. Физичките блокатори се безбедни за употреба бидејќи тие се мешавина од титаниум диоксид и цинк оксид, кои заедно помагаат во рефлектирањето на штетните УВ-зраци.

Од друга страна, воопшто НЕ се препорачуваат хемиски блокатори за бремените жени затоа што овие блокатори содржат состојки кои апсорбираат УВ-зраци наместо да ги рефлектираат. И една од овие состојки е оксибензон, состојка која најчесто се среќава во хемиските блокатори. Познато е дека оксибензонот има силно продирачко дејство низ кожата и воедно има потенцијал да предизвика алергиски и хормонски нарушувања, а особено ниска родилна тежина кај новородените бебиња.

Посебни мерки на претпазливост при прифаќање на сончевите зраци за време на најубавиот период на една жена

Носете удобна облека!

Носењето лабава и светла облека може да биде многу корисно. Бела, жолта и сина боја се одлични поради рефлектирачката природа. Чадор, очила за сонце и капи со визир може да се покажат како особено корисни.

Не заборавајте да останете хидрирани!

Иако водата е најдобра за да бидете хидрирани, може да се претпочитаат и свежо цедени сокови. Секогаш носете шише со вода со себе.

Ограничете го времето поминато на сонце!

Избегнувајте престој на сонце повеќе од дваесет минути ако немате соодветен заштитен крем на вас.

Посегнете и по природните суплементи!

Консултирајте се со вашиот доктор за додатоци на витамин Д, ако планирате да избегнете изложување на сонце во целост.

Носете очила за сонце и ставајте заштитен крем дури и за време на облачните денови!

Тоа е точно! Штетното УВ-зрачење кое е емитирано од сонцето сѐ уште достигнува до вашата кожа.

Разговарајте со вашиот лекар ако вашата кожа е премногу чувствителна, па дури и доколку забележите некаква промена!

Не заборавајте, вашето малечко ќе ви биде благодарно!

Неговата насмевка е сѐ што ви е потребно!

Превела: д-р Корнелија Ѓорѓиеска

Извор



912

X