Елизабета Филипова, наставник по англиски јазик во Основното училиште „Тоде Хаџи-Тефов“ во Кавадарци, е е-твининг амбасадор во Република Македонија. Со неа разговаравме за тоа што учат, забавувајќи се, учениците и наставниците преку оваа европска платформа, какви проекти изработуваат, како тече едукацијата, дали има интерес за неа…
Како соработуваат наставниците и учениците преку е-твининг?
– Соработката преку интернет тече со изработка на заеднички проекти, се учат нови ИКТ-алатки (skype, google hangout, padlet, weebly…) и се добиваат нови информации за училиштата партнери и за нивните земји. Учењето е забавно преку игри и комуникација на англиски јазик. Првиот проект на кој работев е „Големи европски личности“, за кој добивме Европски знак за квалитет. Истовремено учествував на настанот за учење на е-твининг „Училиштата во 2020“ и добив книга од Белгија во која беа претставени можните сценарија за тоа каква ќе биде наставата во училиштата во иднина. Истата 2012 година бев избрана за е-твининг амбасадор на Република Македонија и сѐ уште сум. На проектите работам заедно со моите колешки Славица Јаневска, Цвета Маркушева, Слободанка Стоева, Елеонора Гурева и Снежана Костова. Имам работено на многу проекти и за најголем дел од нив имаме добиено Европски знак за квалитет за нашата работа, а најголемиот успех го постигнавме во 2016 година со проектот „Млади научници“, за кој ја добивме европската е-твининг награда „Марија Склодовска Кири“ и сме единственото училиште од Македонија што има добиено ваква европска награда. Наградата ми беше доделена на Годишната е-твининг конференција 2016, која се одржа во Атина, Грција.
Во 2017 година од 700 апликации и мојата апликација беше успешна и бев еден од 50 едукатори што учествуваа во Трансатлантскиот дијалог на едукатори 2017. На овој настан го претставив нашиот награден проект „Млади научници“ и научив многу нови работи од другите учесници.
Бевте прогласена и за наставник на годината…
– На е-твининг редовно следам настани за учење преку интернет и имам добиено многу сертификати од кои, меѓу другите, најдраг ми е сертификатот за наставник на иднината. Од 1 септември до 31 декември учествував во Европскиот настан за учење за е-твининг амбасадори и се стекнав со европски сертификат за е-твининг амбасадор.
Во април 2018 година ООУ„Тоде Хаџи-Тефов“ ја доби наградата за е-твининг училиште, која првпат се доделува оваа година од страна на Европската комисија.
Инаку, на проектот првпат почнав да работам во 2012 година кога доставив писмено барање до градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, и до советничката за образование, Зорка В’чкова, да потврдат дека сум вработена во училиштето и да побараат од Британскиот совет на училишта на интернет да нѐ зачленат на нивната веб-страница. По успешното зачленување, нашето училиште беше единственото од Македонија што учествуваше во проектот „Големиот танц 2012“ организиран од градоначалникот на Лондон за време на Олимписките игри 2012, кои се одржаа во Обединетото Кралство. Целта на проектот беше ученици од цел свет заедно, во исто време, да одиграат танц во кој беа воведени сите олимписки игри и Обединетото Кралство да влезе во Гинисовата книга на рекорди со танц кој го играат најмногу учесници во исто време. За жал, Обединетото Кралство не успеа да го сруши претходниот Гинисов рекорд. Веднаш потоа добив покана од организаторите на Глобален детски предизвик да учествуваме во овој настан како единствено училиште од Македонија. На овој проект работев заедно со мојата колешка Мирослава Симоновиќ и учениците од нејзиното одделение добија педометри кои ги бројат нивните чекори. Мирослава секој ден ги гледаше педометрите на секој ученик и на проектната страница ги запишуваше постигнатите чекори на учениците. Со запишувањето на секој резултат нашето училиште патуваше виртуелно низ сите земји во светот и учениците учеа важни информации за секоја земја.
На etwinning.net се зачленив во август 2012. Тоа е интернет-платформа оформена од Европската комисија во 2005.
Што добиваат наградените училишта?
– Наградените училишта ќе имаат висока видливост на европско ниво, а ќе формираат европска мрежа на е-твининг училишта-водачи кои треба да го инспирираат понатамошниот развој на проектот. Тие ќе бидат препознаени како лидери во областите: дигитална пракса, пракса на електронска безбедност, иновативни и креативни приоди во педагогијата, ќе промовираат континуиран професионален развој на вработените, ќе промовираат практики на колаборативно учење со вработените и учениците и ќе можат да го покажуваат знакот за е-твининг училиште во сите промотивни и информативни материјали. Наградените наставници и директорите ќе бидат поканети да се вклучат во програми за професионален развој.
Учениците добиваат знак за квалитет, кој им го доделува директорот, а тоа се објавува на нашата локална телевизија.
Како ја организирате дополнителната настава за проектот?
– Дополнителните часови ги реализирам преку работа на проекти заедно со моите ученици. Имаме и поддршка, а и учество од директорот Николче Нешковски. Учествуваат учениците од второ и од шесто одделение. Во цела Европа се избрани 1.200 е-твининг училишта, а ние сме едно од шесте во земјава.
912