Тактилно-кинестетичката перцепција е важна подлога за малите деца кои ќе читаат и пишуваат со Брајова азбука. Тактилната перцепција влијае врз способноста за читање на Брајово писмо кај лицата со оштетен вид. Истражувањата ја покажуваат бавноста во развојот на фината моторика и манипулација со предмети кај лицата со оштетен вид.

Моторни способности: За успешно читање со Брајово писмо, потребен е развој на моторните способности во предучилишниот период кај децата со оштетен вид. Целта е да се зајакнат прстите и да се развие способноста да се движат прстите независно и координирано. Кај децата се употребуваат разни текстури, со различна големина и форма, за да се развие тактилната сензитивност.

Се применуваат и вежби за фина моторика: редење, нижење, сортирање, завртување и одвртување капачиња и многу други активности со кои детето ќе ја стимулира и ќе ја вежба подвижноста на прстите и зглобовите. Начинот на движење на прстите при следење на Брајова азбука се изведува со помош на дефектологот. Читањето на Брајово писмо се одвива на начин што дефектологот е седнат зад детето и ги поставува рацете над или под рацете на детето. Децата полесно ги следат редовите кога не се бара од нив да ги препознаат Брајовите знаци во редови. За време на следењето на Брајовите редови или други тактилни линии, детето треба да користи повеќе прсти, да допира нежно и успешно да премине на следен ред. Есенцијална компонента во читањето и следењето на редовите е слабиот притисок на прстите кој ја дава јасноста во препознавањето на симболите. Слабиот притисок со прстите се вежба низ сите вежби.

Јазични способности: Во делот на совладување на јазичните вештини се користи заедничко читање или, пак, читање базирано на сопственото искуство.

Во заедничкото читање детето не е оптоварено како ги изговара гласовите или зборовите. Се користат кратки приказни. При читањето детето ги става прстите на Брајовите редови со следење на буквите и зборовите додека дефектологот чита малку погласно од детето.

Во делот читање приказни базирани на сопствено искуство, детето ќе го напише своето доживување и ќе го прочита напишаното како приказна Целта е да се направи конекција на  читањето и пишувањето. Пред да научи да чита, детето треба да користи заедничко читање на Брајово писмо. Тактилното истражување на детето не го задржува вниманието подолг период, па затоа се користат тактилни илустрации каде што детето ќе биде активен учесник во читањето.

Во рана возраст кај децата со оштетен вид се препорачува користење на тактилни сликовници каде што детето ќе може да допира, истражува и развива тактилната перцепција. На најмала возраст се користат повеќе слики без текст, а кога детето ќе прозбори, во сликовниците треба да има повеќе текст.

Автор: Теодора Томовска Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација



912

X