Првиот енергетски пијалак, каков што го знаеме денес, бил направен во Јапонија на почетокот на 60-тите години на минатиот век, како медицински тоник кој помагал за надминување на заморот, како што се рекламира до денес. Покрај кофеинот, содржел и таурин и витамини од Б-групата, како и големи количини шеќер.

Денешните енергетски пијалаци содржат во просек (250 мл лименка): 80 мг кофеин, 27 г шеќер, витамини од Б-комплекс, глуконолактон и разни други стимуланси, вклучувајќи гуарана, Л-карнитин и таурин.

Голема европска студија од 2011 година (ЕФСА) покажа дека алармантен број деца и адолесценти консумираат енергетски пијалаци: 18 отсто од децата, 68 отсто од адолесцентите, а најмногу консумираат тинејџерите на возраст од 15 до 18 години.

Слична студија спроведена во Словенија во 2022 година, покажа дека над 40 отсто од децата и младите консумираат енергетски пијалаци: еден од пет 11-годишници и еден од двајца 15-годишници. Второ, една помала студија за навиките на учениците од основните училишта покажа дека ¼ од учениците пијат енергетски пијалаци дома, што покажува дека дури и родителите не ја препознаваат опасноста од консумирање премногу кофеин, а повеќето од нив го користат пред или за време на спортот.

Енергетски пијалаци обично се продаваат како безалкохолни пијалаци и се рекламираат како пијалаци за подобрување на спортските перформанси, за зголемување на концентрацијата при учење, за адреналински спортски подвизи и како пијалак за забава кој често се меша со алкохол.

Краткорочно, внесувањето големи количини кофеин доведува до нарушување на срцевиот ритам (и ненадеен срцев удар), зголемен крвен притисок, главоболки, дехидрација, зголемена будност, може да предизвика чувство на анксиозност. Исто така, долгорочното консумирање енергетски пијалаци доведува до зголемено лачење на хормоните за стрес и нарушувања на спиењето. Секојдневното консумирање големи количини може да доведе до гастритис, акутно оштетување на панкреасот, црниот дроб и бубрезите, епи-напади, психотични епизоди, параноја и халуцинации. Високите количини на шеќер во енергетските пијалаци доведуваат до оштетување на забната глеѓ, дебелина и дијабетес тип 2.

Потребна е широка кампања и запознавање на родителите, професорите и тренерите со опасностите од консумацијата на енергетски пијалаци, како и забрана за рекламирање и продажба на малолетници и во близина на училиштата. Кај оние што имаат предиспозиција и непрепознатливи болести, последиците можат да бидат фатални.

Автор: д-р Татијана Милошевиќ, педијатар

Извор



912

X