Дали некогаш сте имале чувство дека реакциите на вашето дете на некои речиси безопасни ситуации се претерани? Можеби дури и ви се чини дека премногу драматизира без причина, дека им дава важност на неважни работи. Освен тоа, сте пробале сè. И разбирање и разговор, но никогаш не е доволно. Ако се пронајдете во сето ова, можно е да имате, како што го дефинира детскиот психолог д-р Беки Кенеди, дете со длабоки чувства.

Што значи тоа? Д-р Кенеди зборува за тоа како да препознаете високо чувствителни деца и што да направите ако ги имате дома.

-Обожавам такви деца. Имам дома такво дете и верувајте со многу труд преживеав – рекла таа.

Еве ги двата најважни показатели дека и вашето дете спаѓа во групата на оние што чувствуваат сè длабоко и силно:

-Нивните ескалации во однесувањето и чувствата се почести, поинтензивни и подолготрајни. Тоа се деца кои навистина имаат чувства чиј интензитет се движи од 0 до милион, нивните емоционални испади се поинтензивни, почести и траат подолго од другите деца. Мислам дека е исклучително важно родителите да знаат дека тоа не е шоу, дека тоа се нивните вистински чувства – вели д-р Беки.

-Стратегиите кои функционираат за повеќето деца не функционираат за нив. Сте ја прочитале секоја книга за родителство, сте го гледале секој поткаст, сте прочитале еден тон текстови. А сепак, секогаш кога ќе се обидете да ги следите правилата, да го именувате чувството, да покажете разбирање, вашето дете го отфрла и станува уште пораздразливо. Овие обиди, да му пријдете на детето со идеја да му покажете дека го разбирате, ги нарекуваме стратегии на влезната врата. Тогаш ќе му пријдете на детето, ќе му кажете дека го разбирате, дека гледате како се чувствува (наведете како – именувајте) и дека сте тука да му помогнете. Како да сте на влезната врата на неговиот внатрешен свет. Па, децата со длабоки чувства ќе ви ја треснат таа врата в лице – вели д-р Беки.

Зошто децата со длабоки чувства се различни?

За овие деца, нивната ранливост е поставена веднаш до нивното чувство на срам.

-Затоа, кога ќе се сопнат и ќе паднат, кога ќе згрешат, кога нешто не знаат, но веруваат дека треба, па дури и кога ќе изгубат во друштвена игра – се чувствуваат ранливи – вели д-р Беки, додавајќи дека ранливоста произлегува од тоа дека децата со длабоки чувства се срамат. И бидејќи многу се срамат – експлодираат.

-Тие речиси можат да почувствуваат како сопствените чувства го напаѓаат нивното тело и потоа самите да одговорат со напад – објаснила д-р Беки.

Како што вели, нивните сензори се секогаш напнати, повеќе чувствуваат, повеќе забележуваат и затоа реагираат посилно.

Тогаш, како можам да го поддржам моето дете со длабоки чувства?

За почеток, еве што НЕ треба да правите. Кога вашето дете има претерана реакција на нешто, сигурно вашиот прв инстинкт е да се обидете да му помогнете. А кога ќе ве одбие, можеби ќе одлучите едноставно да му свртите грб и да го оставите („добро, ако не ја сакаш мојата помош, си заминувам“). Но, ова, вели д-р Беки, всушност ги потврдува најлошите стравови на вашето дете – дека тие навистина се толку лоши колку што мислат дека се. Наместо тоа, овој психолог препорачува да седнете до детето и едноставно да бидете таму, давајќи му до знаење дека не се плашите од неговите силни емоции, дека вашето дете не е премногу за вас.

-Важно е да бидете тука за вашето дете затоа што вашето присуство му кажува: „Ти си безбеден/а со мене. Не си премногу за мене и твоите силни чувства не те прават лош/а – истакнува д-р Беки.

Значи, прифаќајќи го детето со сите негови силни чувства, со бурата што ја носи, внимавајќи да застанете цврсто на своето место, да сте родител кој е таму без разлика на сѐ – е првото и најважното нешто од кое секое дете со длабоки чувства има потреба.

Автор: Александра Цвејетиќ

Извор



912

X