Кожата на бебето е посклона кон дехидрација и инфекции отколку кожата на возрасен човек, најмногу поради фактот што поткожното масно ткиво е потенко, имунолошкиот систем сè уште е недоволно развиен, а благата киселост (pH=5,5) придонесува за репродукција на штетни бактерии и габи. Затоа е многу важно кои препарати ги користиме за нега на бебешката кожа, на кој начин, но и како реагираме на некои типични и не толку ретки промени кои се случуваат.

Бањајте го бебето во млака вода бидејќи млаката вода помалку ја суши кожата од топлата. Колку и да е забавно капењето за детето, нека биде кратко и слатко – секој престој подолг од 10 минути може дополнително да ја исуши кожата. Не тријте ја кожата со крпа по капење – премногу триење не е добро, наместо тоа, избришете ја со тапкање.

Во зимскиот дел од годината избегнувајте прегревање на просторот. Топлиот воздух ја црпи влагата од кожата на бебето, а лесен слој вазелин или крем за омекнување ќе го спречи црвенилото на лицето од бебето, откако ќе престојува на отворено во постудениот дел од годината.

Користете нежни прашоци за перење, по можност наменети за детска облека, бидејќи и производите со агресивни хемикалии можат да ја иритираат кожата.

Доколку забележите дека пелената на бебето е почесто влажна, тоа значи дека детето губи повеќе течност, па му треба дополнителна хидратација. Сувата кожа не е само прашање на надворешна нега – уште поважно е како ја храниме и навлажнуваме кожата однатре. Преголемата грижа и желбата на родителите нивните деца да бидат чисти – често имаат спротивен ефект, па грешките во негата на кожата се исто така чести.

Еве неколку типични промени на кожата на бебето на кои треба да им се посвети дополнително внимание:

Бели наслаги во усната шуплина

Поради недоволно развиените плунковни жлезди и нивната функција за одбрана од микроорганизми, во усната шуплина на новороденчето може да се појават бели промени кои наликуваат на грутки млеко. Промените го зафаќаат пределот на јазикот и поголемиот дел од усната шуплина, а доколку се прошират на грлото и хранопроводот, може да предизвикаат значителни проблеми со хранењето. Тоа е појава меѓу народот позната како дрозд, која ја предизвикува бактеријата „Candida albicans“.

Кога ќе се појават првите промени, можно е да се отстранат наслагите со газа натопена во физиолошки раствор или зовриена вода. Потребно е со лесни движења да се исчистат непцето, јазикот и внатрешноста на образот на детето, но важно е да се земе нова газа и да се повторува постапката со секое влегување во усната шуплина. Доколку промените не се намалат, потребно е без одлагање да се контактира со медицинската сестра која го посетува бебето и која по потреба ќе го упати детето кај педијатар за да прими антифунгална терапија.

Теменица

Теменицата е многу чест феномен во детството. Се смета за физиолошко нарушување на скалпот кое е предизвикано од минливото дејство на мајчините хормони и зголемената активност на лојните жлезди. На врвот на скалпот најчесто се забележуваат лушпести наслаги со бело-жолта боја, кои можат да се прошират на ушите, вратот и на горниот дел од лицето. Кога ќе се појават првите промени, се препорачува неколку часа пред капење да се намачкаат погодените делови со памук натопен со неутрално бебешко масло, за да се омекнат лушпите. За време на капењето, скалпот треба да се измие со неколку капки благ бебешки шампон, нежно да се втрие со помош на крпа или газа, добро да се исплакне со вода и на крајот да се исчетка косата.

Милии

Милиите се ситни бели точки на кожата на детето кои се предизвикани од вишокот маснотии (себум). Најчеста локализација на милија е на носот и челото. Не се препорачува триење или мачкање на овие промени поради можна иритација и оштетување на површината на кожата. Лицето треба да се негува со вообичаено миење во обична вода. Милија исчезнува спонтано и не треба да се лекува.

Мозолчиња

Дваесет проценти од децата се раѓаат со мозолчиња или тие се појавуваат во првите две недели од животот. Почесто се јавуваат кај момчињата и се поизразени кога детето плаче. Можат да останат на кожата на детето неколку месеци и да исчезнат спонтано без дополнителна нега. Доколку не поминат кога детето има три месеци, треба да се консултирате со педијатар.

Сува кожа што се лупи

Лупењето на кожата во првите денови од животот е нормална физиолошка појава, која е најизразена во пределот на зглобовите и глуждовите. Тоа е резултат на незрелост на лојните жлезди. На местата каде што има зголемено лупење, кожата може да биде исклучително сува и малку црвеникава. Овој феномен е почест кај надносените деца. Кон крајот на бременоста, заштитниот слој се разредува и кожата доаѓа во контакт со плодовата вода. Не е потребна дополнителна грижа за ваквата појава.

Исип од пелени

Исипот од пелена може да се појави на која било возраст кај детето бидејќи е предизвикан од иритација на површината на кожата. Неговата појава се случува поради остатоците од урина и столица, триењето на влажните или тесни пелени од кожата и неправилното менување на пелените. Почесто се јавува кај новороденчиња со дрозд, кај деца што земаат антибиотици, по воведување дополнително хранење или употреба на нови средства за перење алишта. Третманот на поблаги форми вклучува процедури за зголемена нега на пределот на пелената, изложување на кожата на топол воздух и нејзино сушење, употреба на заштитен крем и често менување пелени. Ако оштетувањето на кожата продолжи или се влоши, детето мора да се однесе на лекар.

Извор



912

X