Често се зборува за постпородилната депресија, како и за симптомите и методите на лекување. Сепак, депресијата може да се појави за време на бременоста и се нарекува пренатална депресија и таа е речиси исто толку честа како и постпородилната депресија.
Во текот на бременоста трудниците често имаат промени во расположението, вознемиреност, нервоза, емоционални испади и тие ги сметаат за нормални симптоми на бременост. Пренаталната депресија се јавува кај 16 до 20 отсто од трудниците, а симптомите варираат од чувство на тага до сериозни тешкотии во секојдневното функционирање.
Еве неколку симптоми кои не треба да ги игнорирате бидејќи може да укажуваат на пренатална депресија.
Вознемиреност која трае подолго од две недели
Иако бременоста може да биде предизвик, емоционалните симптоми како тага, раздразливост, лутина кои траат подолго од две недели треба да бидат знак дека барате стручен совет. Истото важи и ако забележите дека работите што вообичаено ги сакате повеќе не ви носат радост.
Пресилни чувства кои траат
Сосема е нормално бремените жени понекогаш да се чувствуваат обземени од разни грижи и чувства додека во нив расте нов живот, меѓутоа, доколку постојано имате чувство дека не знаете како да се справите со сето тоа, би било добра идеја да побарате совет од експерт.
Отсуство на чувства кон бебето
Некои жени се поврзуваат со своето бебе по раѓањето, но ако навистина немате чувства за бебето што расте во вас, тоа може да биде предупредувачки знак што не треба да го игнорирате.
Со оглед на сите промени што се случуваат во вашето тело за време на бременоста, не е ни чудо ако повремено сте нервозни. Сепак, постојаниот гнев и раздразливост не се вообичаен симптом, па може да укажуваат на пренатална депресија.
Како што рековме, бременоста може да биде предизвикувачка, дури и многу тешка за некои, но постои разлика помеѓу приспособување на голема животна промена и депресија. Доколку имате симптоми на пренатална депресија, не двоумете се да побарате помош бидејќи тоа ќе ви помогне да бидете поподготвени за промената која допрва доаѓа, но и да спречите развој на посериозна клиничка депресија по породувањето.
912