Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 5 години и има проблеми со интеракцијата со други деца. Имено, самостојно не пристапува да се запознае со непознато дете, со познати деца самостојно не се вклучува во игра, особено ако се работи за група деца. Преферира игра 1 на 1 и ако детето со кое игра почне да игра со други деца, покажува љубомора, тага и се изолира. Од друга страна, во играта најчесто таа следи, односно го копира однесувањето на другото дете и слуша сѐ што ќе ѝ се каже дури и на сопствена штета. Во игра кога ќе треба да се избори за нешто, им попушта на сите деца. Како да не е способна да покаже индивидуалност и да застане зад себе и премногу е емотивна. Кога е дома, е сосема различна личност, интелигентна, досетлива, има имагинација, знае да игра, да глуми итн. Како да ја мотивираме во социјална средина?

ОДГОВОР: Сите сме родени со одреден темперамент и карактеристики кои не се ни правилни ни погрешни, ниту добри или лоши… секој од нас едноставно има свои. Растењето во култура која толку позитивно ги цени дружељубивоста, харизмата и екстравертноста стана предизвик за децата кои се однесуваат на поинтровертен начин. Кај родителите што го гледаат овој квалитет како пречка за социјалната интеграција и развој на своите деца постои голема загриженост.

Според она како го опишавте, вашето девојче изгледа е позатворено, срамежливо, интровертно дете кое својата енергија во најголем дел ја црпи од својот внатрешен свет на мисли, емоции и идеи. Децата кои се склони кон интровертноста имаат поголема емпатија, порефлексивни и претпазливи ставови и се многу повнимателни, имагинативни и креативни.

Сите деца сакаат да имаат пријатели и да бидат во друштво, но додека на екстровертите им се допаѓаат погласни стимулирачки дружења, интровертите претпочитаат да разговараат со една личност или најмногу две, во потивко опкружување и да си играат со една другарка во исто време. Тешко е за возрасните да прифатат дека детето нема потреба да стекнува повеќе пријатели и претпочита да има односи со мал број другарчиња.

За разлика од срамежливоста, која може да биде обоена со анксиозност и непријатност, со чувство на страв или осудување, детето се плаши од социјален контакт, па дури и го инхибира дружењето кое е придружено со ирационални идеи дека не е прифатено од другите, интровертноста е избор на осаменост и поголемо спокојство. Поради тоа, интровертното дете не мора да се плаши од социјалните средби, не му недостигаат социјални вештини, туку односите што ги избира се стабилни, позитивни и сигурни… има малку, но добри другарчиња и се чувствува задоволно од овој избор.
Бидејќи вие најдобро го познавате своето дете, ќе може да забележите дали е малку интровертно или, пак, срамежливо и дали има тешкотии во социјалните интеракции.

Би било добро детето постепено да го воведувате во нови ситуации и со нови деца одејќи со нејзино темпо, без брзање. Кога е подготвена да преземе чекор, дајте и до знаење дека го цените нејзиниот труд: „Вчера те видов дека разговараш со… нови деца. Знам дека може да биде тешко и многу сум горда на тебе поради ова!“, „Кога Мила оди со другите деца, зошто и ти не им се приклучиш?“
Ние, родителите, понекогаш очекуваме децата сами да даваат инцијативи, но ние сме тука да ги поттурнеме, да им објасниме, да ги разувериме и да им дадеме сигурност за она што ги мачи и се двоумат. Дома играјте улоги како да се запознае со ново дете, како да му се приближи, на кој начин да праша дали би сакало некое другарче да игра итн.
Разговарајте за чувствата, дали се плаши да се вклучи во групата, што сака, што ѝ пречи? Иницирајте дружба дома со неколку деца, вклучете ја во мала група со активности каде што ќе може да ја негува својата индивидуалност, а сепак да биде вклучена во групата. А дома, давајте ѝ мали задачи соодветни на нејзината возраст и пофалувајте ја за малите напори и успеси.
Од друга страна, вие бидете ѝ модел, не потценувајте ја моќта на вашиот пример.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X