Сите родители (или барем огромното мнозинство од нив) раѓаат деца со желба да имаат убав, смислен, среќен живот. За жал, тоа не е секогаш така и има околности и ситуации на кои не можеме да влијаеме. На повеќето од нив можеме.
Се чини дека Данците најдобро знаат како правилно да ги воспитуваат децата. А зошто токму тие и зошто продолжуваме да пишуваме за нив? Па, едноставно е. Повеќето истражувања (релевантни истражувања на сериозни универзитети) покажаа дека Данците се најсреќните луѓе на светот. Тоа значи дека има нешто што го прават подобро од другите. Затоа што, на крајот од приказната, среќата е цел на секое човечко суштество.
Данското родителство е посебно по многу нешта, но денес ќе споменеме едно кое е проблем за повеќето родители. Тоа се ултиматуми или, малку поостро кажано, уцени.
Иако знаеме дека уцената не е добар воспитен стил, понекогаш тоа е едноставно најбрзиот и најлесниот начин, а бидејќи резултатот го гледаме на краток рок, а не ја гледаме веднаш негативната страна, почесто прибегнуваме кон нив.
Но, Данците не го прават тоа. Нивниот стил на родителство најкратко може да се опише со зборот – почит. Без врескање по децата, срамење на децата или удирање за да се добие резултат. Почитувајте ги децата, со вашиот пример научете ги како да ги почитуваат другите, а вие самите ќе добиете почит. Вреди да се спомене дека во Данска удирањето деца е забрането со закон повеќе од 20 години. И ако прашате кој било Данец, ќе ви каже дека за нив тоа е незамислив начин на дисциплина.
Зошто Данците не ги уценуваат своите деца?
Како таков, ултиматумот ги става родителот и детето во позиција каде што некој мора да излезе како победник, а некој како губитник. Никој навистина не сака да му се ставаат ултиматуми затоа што тоа е секогаш борба за моќ. Таму каде што има уцени, нема решение каде што секој ќе биде „победник“.
Она што родителите кои прибегнуваат кон уцена не го разбираат е дека тие се всушност оние што на долг рок секогаш на крајот губат со овој метод. Тоа е борба каде што битките се добиваат, но војната на крајот се губи. Како? Со губење на блискоста со детето, затоа што врската во која има закани и е заснована на страв (дури и да има многу љубов во неа) не може да создаде блискост.
Во таков однос не може да има ниту почит бидејќи ако родителите упатуваат празни закани, децата учат дека границите не значат ништо. И бидејќи се паметни, тие исто така почнуваат да сфаќаат дека заканите се всушност метод кој го користат нивните родители, кои се немоќни да се справат поинаку.
Данците се многу демократски и емпатичен народ и не е тајна дека тие од мали нозе се обидуваат да им ги всадат овие квалитети на своите деца. Тие сметаат дека децата се еднакви, но им треба некој да ги води, но не да ги контролира. Тие знаат дека начинот на кој го гледаат детето влијае врз тоа како се однесуваат кон него.
Како да престанете да ги уценувате децата?
Првиот чекор е договор со партнерот. И двајцата мора да се согласите дека сакате да ја промените практиката децата да ве слушаат само за да не изгубат некои привилегии или да бидат казнети. Согласете се дека ако некој од вас почне да губи контрола во некоја ситуација, другиот треба да го преземе разговорот со детето.
И запомнете, не треба да се борите во секоја битка. Фокусирајте се на важните работи. Често се случува нашите реакции кон детето да се преувеличуваат кога нешто се случува пред другите, па затоа сме под дополнителен стрес бидејќи не сакаме некој да мисли дека не знаеме како да ги воспитуваме нашите деца.
Тие го чувствуваат тој страв и стрес и тоа може да ги натера да се однесуваат уште полошо. НЕ МОРА никому ништо да докажувате. Научете го вашето дете со почитување, третирајте го вашето дете и другите со почит и вашето дете ќе ве почитува.
Друга важна работа: покажете му на детето емпатија. Дали е гладно? Уморно? Вознемирено? Колку повеќе ја разбирате причината за неговото однесување, толку посилна ќе биде вашата врска. Како ќе одберете да го гледате вашето дете, секогаш ќе влијае врз тоа како ќе реагирате на него. Тоа што ќе го дадете ќе ви се врати. Доброто раѓа добро, лошото раѓа лошо, губењето на контролата раѓа губење на контролата. И мирот – промовира мир.
912