Милена Ѓуриќ, магистер по фармација со многубројни едукации од областа на исхраната на бебињата и децата, како и терапевтското хранење на децата, објаснува дали е здраво она што обично го подразбираме под поимот здрава исхрана, а советува и како да консумирате некои слатки задоволства без каење. Таа открива рецепт за десерт кој секоја мајка брзо може да го подготви за целото семејство.

На почетокот Милена открива како започнал нејзиниот интерес за здрава и подобра исхрана на децата:

-Јас сум мајка на пет и полгодишно момче и 16-месечно девојче.

Со раѓањето на првото дете (кое се родило предвреме, ситуацијата била опасна за живот, а детето барало посебно внимание), започнува желбата за подобра исхрана и посветена едукација за детскиот развој.

-Работејќи со родителите, сфатив колку многу сомнежи и стравови имаат родителите кога станува збор за немлечното хранење на бебињата – вели таа.

Дали денешната вообичаена поделба на „здрава и нездрава храна“ е погрешно протолкувана?

-Не постои супер здрава намирница која ако се јаде сама по себе ќе го подобри здравјето, но има разновидна исхрана и различни групи на намирници кои се добри за растот и развојот на децата. Не би рекла ни дека постои супер нездрава намирница, бидејќи сè зависи од количината и начинот на подготовка. Да речеме дека подготвуваме варени компири прелиени со маслиново масло, па ќе речеме дека се здрави, но ако ги подготвуваме компирите со пржење во масло, како што подготвуваме помфрит, тогаш ќе кажеме дека не се здрави. Но, дури и ако јадеме голема количина варени компири секој ден – ниту тоа не е добро. Значи, можеме да кажеме дека храната е здрава или не, во контекст на начинот на подготовка и количината на изложеност на телото на истата.

Протеините се важна група на намирници, особено во рана возраст, какви се дневните потреби на детето во таа смисла?

-Протеините на возраст по една година се многу важни и незаменливи за правилен раст и развој и ги има во многу намирници – од зеленчук до овошје. Најпознати извори на протеини се секако пилешкото месо, рибата, мешунките (како грав, грашок), јајцата, млечните производи (јогурт, кефир, кисело млеко), јаткастите плодови и некои овошја како бананите. За децата, подобар избор е да јадат свежо овошје наместо овошен сок бидејќи консумирањето сок не дава влакна кои го подобруваат варењето. Покрај тоа, соковите често содржат додадени шеќери… Како што секогаш се стремиме кон различност и рамнотежа, прекумерниот внес на протеини нема благотворно влијание врз телото на детето. Соодветниот внес на оваа возраст е околу 13 грама, но секако мајката нема потреба да калкулира и да проверува дали го надминала внесот на протеини во секојдневната исхрана. Тоа се случува многу ретко, а најчесто се работи за преголем внес на млеко по една година, кога всушност млекото кое било основна храна до една година сега паѓа на второто место и основна храна на таа возраст е цврстата храна.

Кога мајката се враќа дома уморна од работа, а малечкото сака нешто слатко, кој е најдобриот избор освен овошјето?

-Урмите се слатко овошје кое, токму поради слаткиот вкус, често се користат при подготовка на колачи за деца, но и самостојно. Медот може да биде исто така здрав природен деликатес, но не треба да претерувате. Брзи здрави опции се и пудинг од просо и хељда, кој брзо се прави со додавање мед или некое овошје, како и домашен овошен јогурт со додаток на мед. Здравиот домашен крем кој се прави брзо е исто така одлична варијанта, која може да се чува подолго време во фрижидер. Овошната салата со или без мед и јаткасти плодови – е добар избор за децата кога им треба брза и здрава ужина – заклучува таа.

Рецепт: Домашен крем од лешник

Состојки:

-150 грама печени лешници
-250 грама исчистени урми
-околу 200 грама растително млеко (кокосово или бадемово млеко)
-25 грама сурово органско какао
-10 грама маслиново масло или ладно цедено кокосово масло.

Подготовка:

Печете ги лешниците во рерна и ставете ги во блендер, додајте ги преостанатите состојки и блендирајте додека не добиете мазна текстура. Наместо растително млеко, може да се користи и вода, помала количина, и потоа се добива погуста смеса.

Автор: Јасна Дреновац

Извор



912

X