Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам две деца – ќерка од 9 години и син од 3 години. Проблем е што ќерката уште од самото раѓање на братчето не сака да го прифати бидејќи е машко, не знам зошто, ама така е. Не е заинтересирана за ништо, додека бевме во Македонија беше друго дете, знаеше и да помогне и да послуша… Сега сме во странство и не го знае јазикот, сѐ ѝ е ново… Ама зборот НЕ не постои за неа. Пробавме со награди, со казни, ама нема резултати. Како да ѝ помогнам?

ОДГОВОР: Големите промени што се случуваат во семејствата, често носат и големи промени во однесувањата на децата. Овие промени се емотивно тешки за нив бидејќи навиките и познатото опкружување им давале сигурност. Oдвојувањето од познатата средина, другарчињата, новото опкружување и непознавањето на јазикот кај децата доведуваат до чувство на страв, напнатост, фрустрација и несигурност, кои потоа се манифестираат преку игнорирање и протестирање. Во зависност од темпераментот, некои деца полесно се приспособуваат на промените, а некои потешко.

Разговарајте за нејзините чувства. Охрабрете ја да зборува за нив и обидете се да разберете со кои тешкотии се соочува, за што размислува, дали ѝ недостигаат другарчињата итн.

Од друга страна, децата природно ги поместуваат границите кои им ги поставуваме, а ние како родители треба да ги одржиме границите, правилата и начинот на однесување и да бидеме доследни на нив. На тој начин децата добиваат структура и сигурност која им е најпотребна.
Често децата учат како да манипулираат со системот на награди и казни. Затоа дисциплинирањето треба да биде можност за поучување и насочување наместо само да се контролира однесувањето.

За да се поттикне позитивен и траен пристап кон дисциплината, од клучно значење е да се излезе надвор од границите на парадигмата за награди и казна. Наместо тоа, почнете со меѓусебно разбирање, отворена комуникација каде што децата ќе го разберат расудувањето за правилата и последиците.

Наместо едноставно да кажете „не“, објаснете ги причините за вашата одлука. Помогнете му на вашето дете да разбере зошто нешто не може, не дозволувате, а воедно рефлектирајте како се чувствува: „Гледам дека си лута поради…“, „Тажна си што не…“ Бидете смирени и покрај големата фрустрација што ја чувствувате во тој момент.
Во многу ситуации употребете друга рамка за она што сакате да го кажете, наместо постојано повторување на НЕ, кажете „Ајде да се обидеме да го направиме тоа на овој начин“.

Предизвик во родителството е да им помогнеме и да ги научиме децата како да се справуваат и да се прифатат едни со други, особено кога има поголема разлика во возраста и полот кај децата. Чувството на вознемиреност кај вашата ќерка кон нејзиниот помал брат, едноставно затоа што е машко како што рековте, не води кон тоа дека таа се соочува со длабоки емоции. Поради тоа, разговарајте и за овие чувства и да ги изрази без осудување.
Разликата од шест години може да доведе до различна динамика меѓу нив и потешко е да се поврзат, особено кога се мали. На вашата ќерка ѝ е тешко да се поврзе со интересите и активностите на својот помал брат, затоа не очекувајте го тоа од неа. Но, како што ќе растат, со ваша помош ќе се приспособуваат и нивната меѓусебна љубов и почитување ќе растат.
Тоа зависи од личноста на детето, стилот на воспитувањето и вашата семејна динамика. Со ваша љубов, разбирање и напор да се почитуваат и помагаат двете деца, ќе прави основа за нивниот однос повеќе да се развива.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X