Прегратките лекуваат. Понекогаш кога се чувствуваме лошо, добро ни влијае таа прегратка со драга и блиска личност. Буквално се чувствуваме како да нѐ лекува. И кој може да биде полековит партнер за прегратка од нашето дете? Толку често ги гушкаме како да сакаме да ја искористиме секоја можност пред да пораснат…

Меѓутоа, често не размислуваме колку трае таа прегратка, туку сме среќни што воопшто сме ја „уловиле“, особено ако имаме дете кое често бега од прегратки. Да го искористиме тоа што ни е дадено. А дали знаевте дека прегратката станува уште помоќна ако трае подолго?

И тоа најмалку 20 секунди. О, да, тогаш ќе ја почувствувате целосната моќ на прегратката – а исто така и вашето дете. Пред да помислите дека тоа нема многу смисла и дека прегратката е само прегратка, без разлика колку долго ќе трае, мораме да кажеме дека има научни докази за спротивното.

Има нешто моќно и магично во прегратката која трае најмалку 20 секунди. Тоа е нешто што дава сила, а дека навистина дејствува, докажува и студија која била спроведена во далечната 2003 година. Тоа истражување е направено на парови, но експертите сметаат дека е сосема исто и со родителите и децата. Врз основа на резултатите од таа студија, експертите објасниле зошто е тоа така. Имено, чувството на галење, видот на вниманието што го добиваме со гушкањето, е поттикнато од длабоко вкоренето, инстинктивно чувство на сигурност и удобност. Дваесет секунди е еден вид праг што научниците го откриле кога започнува ослободувањето на хемикалиите кои предизвикуваат убави чувства, како што е окситоцинот.

Се смета дека прегратките имаат сличен ефект како позирањето за самодоверба, или насмевката за подобрување на расположението. Гушкањето е уште еден физички начин да се поправи и позитивно да се влијае врз нашата ментална благосостојба.

Кога го гушкаме своето дете, се чувствуваме смирени, како некој мир да ни го забавува дишењето и отчукувањата на срцето. Сепак, прегратката го има истиот ефект врз детето, а тоа го докажале научниците во текот на студијата во која е измерен таканаречениот R-R интервал. Научниците откриле дека кога родителите ги гушкаат своите бебиња, доенчињата покажуваат пониски отчукувања на срцето и зголемена парасимпатична активност, што е показател за помал стрес. Но, не било исто кога бебето го гушкал родителот и кога го прегрнувало некое непознато лице.

Сепак, мораме да забележиме дека постојат многу фактори кои можат да влијаат врз времетраењето на прегратките со децата – нивната развојна фаза, распонот на вниманието, сетилните проблеми и индивидуалните личности што ги поседуваат. Некои деца имаат голем проблем со воздржаноста и на прегратката гледаат како на средство за воздржување. И не игра голема улога тоа што прегратката им била понудена како средство за смирување или поддршка.

И додека детето кое не сака прегратка не треба да биде принудувано да се гушка, на пример, во градинка или кога се во прашање роднините и секојпат треба да се бара дозвола за да биде прегрнато, родителот треба интуитивно да знае кое дете може да издржи подолга прегратка, а кое не. На крајот на краиштата, удобноста и поврзувањето за време на прегратката од 20 секунди функционира само ако вашето дете го сака тоа. Ако тоа ги изложи на стрес, нема да има забавено отчукување на срцето потоа. И ако детето не сака да седи мирно во вашите раце толку долго, тоа не значи дека нешто не е во ред со него или со вашата врска, затоа не сфаќајте го тоа лично.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X