Границите во родителството се голем предизвик. Како родители сакаме да поставуваме граници и да се држиме до нив, но сепак, во многу ситуации попуштаме. Како да се усогласат и одржуваат границите и да се создаде здрава средина за раст и развој на детето?
Дефинирање на границите – што ви се допаѓа, а што не
Границите едноставно одредуваат што ви се допаѓа, а што не, односно какво однесување можете, а какво не можете да толерирате. Иако постојат различни листи со ограничувања приспособени на различни возрасти на децата, не постои едно уникатно решение кое ќе одговара за сите.
Значи, границите се она што вам ви одговара и она што според вас не е во ред. Кога ќе се соочите со каква било ситуација или предизвик, застанете и поставете си ги овие прашања: „Дали за мене ова е во ред или не е во ред?“
Издвојте момент да се слушнете себеси. Тоа ќе ви помогне да ја разберете вашата суштинска граница во секоја ситуација.
Врата наспрема ѕидови
Кога размислувамe за границите во родителството, метафоричката визуализација може да ни помогне да ги почитуваме нашите вистински желби.
Замислете ги границите како ѕид од тули низ кој вашето дете не може да помине. Не врата или прозорец што се отвора одвреме-навреме, а потоа повторно се затвора, кога сме така расположени.
Ако размислувате за вашите сегашни граници, дали тие изгледаат како ѕид од тули или врата што понекогаш се отвора?
На пример, ако вашето дете сака да истрча на улица, вашата граница би била да го спречите. Можете да пробате различни стратегии во зависност од времето и оддалеченоста пред вашето дете да стигне до патот, но без оглед на тоа, секогаш ќе го запрете.
Ова е ѕид од тули. Знаете дека тоа е границата затоа што секогаш ќе го спречувате да ја премине. Никогаш нема да постои момент кога би оставиле да се отвори врата.
Ако забележите дека многу од вашите граници се врати, тогаш голема е веројатноста дека тие не се вистинските граници за вас.
Треба да ги задржиме нашите граници
Дали некогаш ви се случило ова: Немирни деца кои никако не сакаат да легнат в кревет (или постојано стануваат), а вие се прашувате: „Зошто стануваат? Зошто не ги почитуваат моите граници?“
Ова е тешката вистина:
Ние како родители треба доволно да се почитуваме себеси за да ги држиме сопствените граници. Ова значи, ако мојата граница е моето дете да остане в кревет, јас треба да се погрижам да се случи тоа, дури и ако морам физички (мирно) да интервенирам и привремено да легнам или да седнам до моето дете.
Децата нема да ги држат нашите граници за нас
Децата ќе научат да се приспособат на нашите граници, но нема да ги држат границите за нас. На пример, ако е време да излезете од дома наутро, можете да му кажете на детето: „Изгледа дека на твоите нозе му се потребни патики и време е да излезеш од дома“. Или: „Уште ги немаш обуено патиките. Мора да постои начин на кој можеш да ги облечеш“. А потоа, помогнете му да го „реши проблемот“ и да најде начин само да ги обуе патиките.
Ако детето не може само да го направи ова, тогаш можете да му помогнете.
Во ред е на децата да не им се допаѓаат вашите граници
Може да му обуете патики на детето и за тоа време тоа да плаче и да вреска. Тоа е дозволено. Децата може да имаат негативни емоции поврзани со родителските граници. Не мора да бидат мирни, ниту да ги прифаќаат ограничувањата што им ги поставуваме.
Ова е тешко за родителите, но и за децата е тешко да се согласат со желбите на родителите во поголемиот дел од денот. Родителите едноставно можат да покажат сочувство.
Можете да ја промените вашата граница и да го задржете родителското овластување
Сите ние сме луѓе. Сите се менуваме одвреме-навреме. И навистина, никому не користи ако ја држите границата кога таа повеќе не е граница за вас.
На пример, вашата граница може да биде: „Нема храна во дневната, само во кујната“.
Вашето дете си прави сендвич, го носи во дневната, седнува и почнува да јаде. Откако ќе размислите, сфаќате дека вашето дете е доволно зрело да ракува со храната во дневната соба. Сега сте во ред со ова. Во оваа ситуација важно е да се дава дозвола. Затоа, на детето му ја даваме дозволата гласно, наместо да стоиме настрана додека детето ја преминува однапред утврдената граница.
Давањето дозвола би звучело вака:
– Забележав дека донесе јогурт во дневната. И тоа е во ред сега. Ти ми покажа дека си пораснат и доволно внимателен за да можеш да се справиш со тоа.
Значи, при поставувањето на границите важно е вашата граница да биде ѕид, а не врата што се отвора и затвора во зависност од вашето расположение. И секако, сосема е во ред тој ѕид да се движи како што расте детето. Но, тоа мора да се каже гласно.
912