Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојот син има 5,5 години и е мило, добро дете само што не оди и не зборува. Му имаме направено секакви анализи, дефектолошки, невролошки, ЕЕГ, психолошки и досега со сигурност ни кажале дека е со забавен развој. Но, сепак, немаше посaкувана реакција за неговата возраст, па направивме и генетско испитување и му е дијагностициран микродупликација синдром (сите испитувања се направени до 1 година и 5месеци). Ме интересира како да му помогнеме? Дали е ова нешто со кое ќе живее или може да се излекува? Како ќе биде во иднина кога ќе тргне во училиште? Кога се очекува да прозбори и да прооди во оваа ситуација?
Тој е многу паметно детенце и се интересира како функционираат работите, но најголем дел од времето сака да го поминува со друштво и игри со ситни предмети, а кога дојде до мобилен е како Ајнштајн, сѐ знае да пронајде, ама избегнуваме да гледа во телефон. Уште поинтересно е што може да си игра со 3 играчки со часови.
ОДГОВОР: Претпоставувам дека веќе сте информирани од страна на вашиот педијатар за состојбата на вашето дете. Микродупликацијата е ретка генетска состојба која се карактеризира со присуство на дополнителни копии на специфични сегменти на ДНК во геномот на детето. Кога има промени во бројот или структурата на хромозомите, тоа може да ја наруши нормалната рамнотежа на генетските информации.
Како и за многу генетски состојби, нема лек во традиционална смисла и тоа не се болести, туку состојби кои се предизвикани од варијации во структурата на ДНК. Оваа состојба може многу да варира, а нејзиното влијание зависи од тоа кои гени се дуплираат, од големината и локацијата на дупликацијата, како и други генетски фактори. Кај некои деца постојат благи или суптилни карактеристики, додека кај други постои доцнење во развојот, интелектуална попреченост, физички аномалии итн.
Поради специфичноста на состојбата и индивидуалните симптоми на детето, неопходно е да се работи со стручен тим – педијатар, дефектолог, психолог, логопед каде што ќе биде вклучена физикална, работна и говорна терапија. Потребен е индивидуален пристап за стимулирање на вашето дете да ги развива моторните вештини, комуникациските способности и другите основни вештини. На овој начин и вие ќе бидете информирани како дома да вежбате и да работите со него.
Иако оваа состојба може да биде доста напорна и емотивна за вас, вашата посветеност да обезбедите најдобра можна грижа е доказ за вашата безгранична љубов. Негувајте ги малите победи, а вашето дете со своите уникатни сили и квалитети ќе продолжи да ве инспирира и учи, а и вие ќе учите од него. Многу љубов, посветеност и непоколеблива поддршка се непроценливи за благосостојбата и развојот на вашето дете.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912