Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 5,5 години и од пред неколку месеци почна да има тикови – трепкање со очите. Тоа траеше кратко време и летото беше супер, но сега повторно почна да трепка, и тоа станува сѐ почесто. Дури и кога голта, како да се стега, и гласно голта и трепка силно, некогаш и му се полуотворени очите и ја крева главата нагоре кога разговараме. Нервозен е, тера инает и не сака да соработува. Морам да напоменам дека има сестричка која има една година и спрема неа е лош, не ѝ дава играчки и сака да ја повреди. Кога се роди, многу ја сакаше, ја чуваше, додека бев на породилно немавме проблем, но откако тргнав на работа, неговиот однос се промени. И со мене не сака да зборува како порано, да се дружи, да читаме книги или слично…. Оди во градинка, но и таму е некако незадоволен и не сака да оди… Ве молам за совет како да го надминеме проблемот со тиковите и со неговото однесување.

ОДГОВОР: Тиковите спаѓаат во категоријата невроразвојни нарушувања, во кои спаѓаат: моторни нарушувања што вклучуваат Туретово растројство, хронични моторни или говорни тикови, минливи тикови, неодредени тикови и други специфични тикови.

Тикот се опишува како ненадеен грч, движење или звук што нема цел и лицето не може да го спречи по своја слободна волја. Тиковите може да се засилат во услови на стрес, вознемиреност, ментална напнатост. Она што е важно кога ги третираме е изнаоѓање и адресирање на проблемот кој ја иницирал таквата психо-невролошка реакција во телото.

Најчесто тоа се ситуации кои предизвикале стрес или траума кај детето, при што неговиот биолошки и психолошки систем не бил подготвен да ги обработи. Присетете се кога првпат се појавија движењата, што важно се случи во тој период, на кој начин и што поточно ја смени дотогашната динамика на детето. Дали можеби тоа беше приспособувањето кон новиот член во семејството и менувањето на целата семејна динамика. Какви емоции најчесто манифестираше детето тогаш и како работевте на планот на реструктурирање на динамиката. Ова се неколку од прашањата кои влегуваат во интервју на родителско советување кога разгледуваме ваква тема или состојба кај дете. Доколку ја проследиме сегашноста, од вашиот исказ можам да заклучам дека кај детето се јавува лутина кон сестричката, пркос, несоработливост, негодување, губење на интересот за работи кои претходно ги сакал, незадоволство, непослушност.

Сите овие знаци можат да укажуваат на постојан и неамортизиран стрес кај детето чие адресирање советувам да се направи на сесија кај психолог за деца.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X