Социјалните мрежи и порталите се преполни со фотографии од летокот што некои родители во Белград, Србија, го нашле во своите поштенски сандачиња. Станува збор за рекламата „TikTok School“ („Тик-ток школа“), чиј „основач“ ги кани родителите да го направат славно своето дете.

„Дојде дигиталната ера каде што најголемата заработка се наоѓа токму на интернет и социјалните мрежи. Над 30% од децата сакаат да бидат инфлуенсери кога ќе пораснат“, пишува на промотивниот леток во кој има и контакт-број за родителите да се јават за дополнителни информации. Не е тајна дека инфлуенсерскиот маркетинг е индустрија која брзо расте и дека компаниите секоја година го зголемуваат буџетот што го инвестираат во овој вид маркетинг. И кога возрасните, зрелите луѓе, формираните личности кои некако го докажале своето познавање на одредени теми и области ќе се вклучат во ваков тип на маркетинг, тоа може да се разбере.

Меѓутоа, проблемот настанува кога децата, кои не се доволно емотивно зрели, влегуваат во „рингот“ каде што нема многу милост. А социјалните мрежи се токму такви.

„Кога зборуваме за Тик-ток, мора да нагласиме дека платформата стана минско поле кога се во прашање децата и младите. И треба да бидеме прилично загрижени за тоа каква содржина гледаат нашите деца. И платформата е прилично несоодветна, вулгарна, насилна. Самиот алгоритам на социјалната мрежа се обидува да ѝ наметне ваква содржина на широка публика, насочена кон младите. И ако анализираме кои видеоклипови се најгледани, тоа се токму оние несоодветните“, вели Катарина Јонев, експерт за безбедност на деца и млади на интернет.

Таа додава дека единствен проблем не се несаканите и насилни содржини, туку и дигиталното насилство на кое бил изложен секој трет ученик во Србија. „Покрај сето тоа, тука се и оние познати предизвици на Тик-ток. Морбидни, агресивни, брутални, а за децата тоа значи: повреди, загрозување на нивното здравје, а во некои случаи и губење на животот. Неодамна имавме еден случај во нашата земја“ – изјавила Катарина Јонев.

фотоизвор: zelenaucionica.com

Без да ги обвинува родителите, таа верува дека сè што им треба е помош да ги разберат опасностите што демнат во виртуелниот свет и алатките преку кои ќе ги заштитат своите деца.

„Родителите често се исплашени и загрижени, а понекогаш немаат технолошко знаење или се водат од логиката дека тоа нема да му се случи на нивното дете. И многу е важно првите лекции за однесувањето во виртуелниот свет детето да ги слушне од неговите родители. Па дури и кога немаат доволно технолошко знаење, родителите секако имаат одредено животно искуство и животна мудрост што треба да им ги пренесат на своите деца“, објаснува Јонев.

Таа со критика и за летокот што ги чекал родителите во поштенското сандаче.

„Со сите предизвици со кои се борат родителите и за кои зборував овде, некој сега помислил да ги научи нашите деца да бидат инфлуенсери. Ова е голема шлаканица за сите нас. Ако погледнеме само во последните неколку месеци што се случува на тој Тик-ток и како децата се однесуваат таму, доволно е за да ни биде јасно во каков проблем се наоѓаме“, посочува Јонев и додава дека меѓу децата постои мит кој вели дека ако направите вирален клип, каде што не треба да покажувате знаење, умешност или хуманост, туку да бидете груби и да промовирате ароганција, ќе заработите многу пари и ќе ве наречат инфлуенсер.

„На децата денес не им се претставени добри идоли од кои можат да научат нешто, туку погрешни модели со кои можат само да станат полоши. Дури и да имаат силна семејна основа, децата не можат сами да се справат со овие предизвици. Особено во тинејџерскиот период. Ако ние како општество не сме им понудиле подобри модели од оние на Тик-ток, тогаш треба да се запрашаме во какви луѓе ќе пораснат нашите деца и каков ќе биде нивниот идентитет“, заклучува Јонев и изразува надеж дека ниту еден родител нема да го заврти телефонскиот број оставен на летокот.

Извор



912

X