Човечкиот мозок е чувствителен на секаков вид шаблон што наликува на лице, и токму поради тоа често окото „ни фаќа“ неживи предмети кои блескаат, се смеат и зјапаат во нас.
Психолозите од Австралија покажаа дека тенденцијата да се видат лица кои не се таму, феномен наречен фацијална пареидолија, може да биде зголемен кај жените што неодамна се породиле.
Наодите, кои доаѓаат од Универзитетот во Квинсленд и Универзитетот на Саншајн Коуст, се првите што посочуваат дека пареидолијата се менува во текот на зрелоста, потенцијално зголемувајќи се и намалувајќи се со промената на одредени нивоа на хормони.
Во минатото научниците откриле дека склоноста кон пареидолија е поврзана со возраста и сериозни болести, како Паркинсоновата болест и деменцијата.
Кога вештачки окситоцин се администрира кај луѓето, хормонот може да ја зголеми чувствителноста на различни сигнали на лицето, а нивоата на окситоцин природно се зголемуваат во текот на животот на поединецот. За да се истражат овие промени, истражувачите се насочиле кон жените во постпородилниот период, кога нивото на окситоцин било на врвот.
Тимот, предводен од психологот Џесика Тауберт, тестирал како една група по породувањето гледа нереални лица во споредба со бремените жени и оние што никогаш не биле бремени.
Онлајн истражувањето опфатило повеќе од 400 учеснички на кои им биле покажани стотици фотографии од вистински човечки лица, предмети со лица и предмети без лица. Тие за секоја фотографија одговарале колку лесно можат да забележат лице, користејќи скала од 1 до 10.
Оние жени што имале дете во изминатата година изјавиле дека полесно ги гледале сите нереални лица отколку жените што никогаш не биле бремени и жените што во моментот биле бремени.
– Откривме прелиминарни докази дека по породувањето жените се поподложни на пареидолија отколку бремените жени. Нашите наоди укажуваат дека нашата чувствителност кон пареидолијата се зголемува за време на раното родителство, веројатно промовирајќи ја социјалната врска, која се смета дека е клучна помеѓу мајката и детето – вели Тауберт.
Студијата е само прелиминарна бидејќи не ги мери директно нивоата на окситоцин кај учесниците. Едноставно било претпоставено дека жените по породувањето имаат повисоки нивоа на овој хормон од другите групи, како што било откриено претходно. Понатамошните истражувања ќе треба да ја потврдат точната улога на нивоата на окситоцин во препознавањето на лицето и како неговите ефекти може да се разликуваат помеѓу полот и возраста.
Тауберт се надева дека со продолжување на истражувањето на пареидолијата, психолозите ќе можат да научат нешто повеќе за тоа како човечкиот мозок ги открива и препознава социјалните знаци. На тој начин, еден ден можеби ќе можеме да ги искористиме овие информации за тестирање за абнормалности во когнитивното процесирање.
912