Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете е прваче и има проблем со одењето на училиште. Не сака да седи сам во училиште, се плаши ако го оставиме. Мора да бидеме со него во училницата бидејќи не сака да е сам, без родител, не сака да пишува или да црта. Дали треба да посетиме психолог?

ОДГОВОР: Анксиозноста од одвојување или сепарационата анксиозност е нормален дел од развојот на детето. Произлегува од неговата силна приврзаност кон родителите и стравот да биде одвоено од нив. Сепарационата анксиозност е поврзана со растечката свест на детето и неговата зависност од родителот кој му дава чувство на сигурност. Често децата кога почнуваат во градинка или во училиште се соочуваат со овој развоен проблем и имаат тешкотии при одвојувањето и адаптирањето на новата средина. Со тргнувањето во училиште децата влегуваат во нова и непозната средина, опкружени се со непознати лица и рутини.

Кога детето се соочува со анксиозност, тоа може да доживее низа емоции и физички сензации. Кај некои деца предизвикува длабоко чувство на страв и грижа. Тие се плашат дека нешто лошо ќе им се случи ним или на нивните родители додека се разделени. Имаат чувство дека ќе бидат напуштени или оставени сами, а тоа прави да бидат претерано прилепени или да не сакаат да се одвојат од своите родители. Бидејќи овие чувства се доста силни, кај некои деца водат до создавање паника и голема вознемиреност, па доста често плачат, врескаат или се многу лути, забрзано дишат и имаат други физички манифестации. Некои се жалат на стомачни болки, гадење, главоболки или општа непријатност во телото.

Кога доживуваат сепарациона анксиозност, децата бараат уверување и поставуваат прашања како: Дали ќе се вратиш? или Дали ќе останеш со мене?, Кога ќе се вратиш? и не се смируваат лесно. Како и што напишавте во вашата порака, постојано бара да бидете со него.

За да му помогнете на вашето дете полесно да се справи со овие проблеми, создајте рутина за „до гледање“, „поздрав“ кога го испраќате на училиште. Оваа рутина може да вклучи специјално ракување, прегратка или утешна фраза или збор што го сигнализира вашето привремено заминување и повторно враќање. Оваа доследност и предвидливост ќе му даде чувство на сигурност и чувство дека ќе се вратите. И потрудете се секогаш да го направите она што сте го рекле или договориле заедно.

Постепено изложувајте го вашето дете на кратки периоди на одвојување во други ситуации, како кратки посети на баба, дедо или други членови на семејството или пријателите. Дома вежбајте постепено одвојување кога работи некоја задача, кога бои или црта или пишува домашна.
Можете да играте игри или да раскажувате приказни за да ги разбере и да се справи со своите чувства. Создавајте приказни или користете играчки за да одглумите сценарија каде што ликовите доживуваат разделба и успешно се справуваат со стравот од разделба.

Може да почнете со некои воншколски активности, да спортува или да почне со некоја активност што му е интересна и би сакал да ја прави, како учење јазик, ликовни секции итн.

Важно е да ги потврдите неговите чувства, да разговарате и да го уверите дека сте тука секогаш за него. Со текот на времето, со повторени позитивни искуства, детето ќе развие самодоверба, приспособливост и емоционална отпорност.
А со трпение, разбирање и ваша поддршка, ќе развие механизми за справување и постепено адаптирање на училиштето и задачите што се бараат од него.

Доколку ви е потребна дополнителна помош и разговор за вас и развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X