Психомоторниот развој од деветтиот до дванаесеттиот месец тече со различна брзина – зависно од генетиката, влијанието на околината и гестациската зрелост при раѓањето.

Кај децата родени предвреме се смета коригираната возраст – возраста во која би биле кога би се родиле навреме.

Некои бебиња проодуваат порано, некои подоцна, а и едните и другите се развиваат сосема нормално. Некои деца толку го усовршуваат ползењето што извесно време воопшто немаат потреба да се движат на друг начин. Затоа обично подоцна проодуваат од децата на кои ползењето не им оди од рака. Во секој случај, последното тримесечје во првата година од животот се карактеризира со самостојно движење во далечина, а со тоа и запознавање на пошироката околина. Сето ова има влијание врз психичкиот, интелектуалниот и емотивниот развој на бебето.

Усовршување на ползењето

Откако во положба на стомак ќе го совлада преместувањето на тежината наназад и настрана, бебето го открива движењето нанапред и почнува да се тетерави. Во бочна положба не се потпира само на лактите, туку и на дланката, при што телото се приближува кон седечка положба. При првите обиди за ползење доенчето се префрла настрана, во положба позната како „седење накосо“.

Стрпете се уште малку, вашето дете наскоро ќе може само да се исправи во седечка положба. Ако вие го поставувате да седи, нема да му пружите можност да помине низ нормалните фази на исправување, кои се многу важни за натамошниот развој на моториката. Потоа следува ползење покрај ѕидовите и другите предмети, при што детето со едната рака се потпира на подот, а со другата се подига. Дланките сега целосно се отворени, што е важен предуслов за потпирање при исправањето. Нозете се свиткани во колената. Така бебето ја открива клечечката положба, која му претходи на конечното исправање.

Игри на криење

Со новата вештина за отворање на раката, детето ја усовршува играта на фрлање. Го радува фрлањето на играчките и го следи нивното паѓање, при што ги перципира просторната длабочина, брзина и звукот на предметите што паѓаат. Ако предметот го ставиме во сад, детето ќе ѕирне во садот, ќе ја стави раката, па дури и ќе го извади скриениот предмет. Освен тоа, деветмесечното бебе може да најде и скриено лице, па играта на криење му станува една од омилените и со неа може да се забавува во недоглед.

Безбедност на доенчето

Деветмесечното бебе почнува самото да се движи надвор од „оградениот“ простор и испитувајќи ја околината, често доаѓа во опасност од повреди и труење.
Отсега, па сè додека не тргне на училиште, вашето внимание постојано мора да биде насочено кон него, особено во првите четири години.
Бебето кое ќе се дотетерави или ќе доползи до некој предмет ќе се обиде да се фати за него – за да се исправи. По правило, доближувајќи се до масата, тоа го фаќа чаршафот и го повлекува кон себе, без да знае дека ќе истури сè што се наоѓа на него. Затоа, тргнете ги чаршафите од масите и сите тешки, остри предмети и течности (вазни со цвеќе, шолји со жешко кафе, и слично). Во секој случај, ќе мора да ги преуредите куќата или станот.

Тоа можете да го направите наеднаш или постепено, следејќи ја возраста на детето. Засега, мора да го отстраните нестабилниот мебел, фигури и други кршливи, тешки, остри, но и ситни предмети, собни растенија, гајтани, пластични кеси. Исто така, мора да ги заштитите и острите агли и приклучоци за струја, да ги зацврстите столбовите од оградите и да ги заградите скалите.

Малите деца живеат опасно

Малите деца живеат опасно. Постојано имајте го тоа на ум! Домашната и земјоделската хемија држете ги на непристапно или заклучено место и создајте навика по употребата опасните работи веднаш да ги враќате на своето место – под клуч. Никогаш не држете ги во амбалажа од храна (на пример, во шише од сок). Празната амбалажа од отровни супстанции не фрлајте ја во кантата за ѓубре која детето може да ја отвори, бидејќи и преостанатите неколку милилитри за бебето можат да бидат фатални. Лековите држете ги доволно високо, а особено предупредете ги бабите и дедовците, кои обично ги оставаат лековите насекаде, да ги тргнат кога внуците им доаѓаат во посета. Не оставајте го доенчето само со дете помладо од дванаесет години.

Без форсирање на децата!

Има деца кои побрзо ги совладуваат сите моторни вештини, па така во деветтиот месец без проблем самостојно се исправаат на нозе, правејќи дури и први чекори. Други деца ги изговараат првите смислени зборови и покажуваат побрз социјален развој. Овие индивидуални разлики се нормална појава и не е добро детето да се форсира во што било и да се споредува со другите деца. Само во случај значително да заостанува во поглед на сите психомоторни функции, побарајте совет од лекар.

Желба за поинаква храна

Вашето деветмесечно доенче веројатно веќе има неколку запчиња и повеќе не се задоволува само со кашеста и течна храна, туку бара од храната што вие ја јадете. Ако заедно со вас седи покрај масата во своето високо столче за хранење, ќе се обиде да ве имитира при јадењето – на почетокот така што ќе ја зема храната од својата чинија со прстите и ќе ја става во својата уста. Притоа насекаде ќе има храна: на целото лице, во скутот, на масата и на подот – еден метар околу столчето на кое седи! Замислете што ќе се случи кога ќе му дадете лажичка! Но, мора да помине низ оваа фаза, што порано – тоа подобро. Најпрво заштитете го подот, ставете мушама на масата, ставете пластично лигавче околу вратот на бебето и поттикнувајте го да се храни самото. Со текот на времето бебето ќе стане повешто. Подгответе малку повеќе храна бидејќи извесна количина ќе биде истурена. Ако бебето речиси ништо не изеде, на крајот вие нахранете го, но следниот пат повторно дајте му шанса.

Време за самостојно хранење

При фаќањето предмети бебето сè повеќе се служи со палецот и показалецот, а сè помалку со дланката. Тоа се огледува и при самостојното јадење – на пример, кекси. Време е да го научите бебето самото да се храни и со помош на лажица, што на почетокот нема да оди нималку лесно, но може да се усоврши само со вежбање.

Време за пребирливост

Многу деца, кои до оваа возраст јаделе сè што сте им нуделе, сега наеднаш стануваат пребирливи. Понекогаш не сакаат ништо да јадат, освен една намирница, на пример, леб. Што да правите? Прво, детето сè уште пие млеко, кое ги содржи повеќето потребни хранливи материи. Витамини и железо може да додавате во облик на капки, но само по препорака на лекар. Второ, на вашето бебе или му здосадило постојано истото мени, или чувствува потреба за самостојност при хранењето. Понудете му ги досегашните намирници подготвени на поинаков начин (на пример, наместо пире од компир – печен компир, наместо житна каша – црн леб и слично). Обидете се да го оставите самото да се храни, можеби така ќе сака да јаде. Ако ништо не помогне, немојте постојано да го бркате со чинијата и лажицата, туку оставете го добро да огладне. Здраво дете кога-тогаш ќе посака да јаде. Ако подолго време нема апетит, побарајте совет од лекар.

Чаша наместо шише

Иако повеќето наши семејства и не помислуваат на детето да му го ускратат шишето во првата година, на девет месеци тоа може да пие од чаша. За да не се истура течноста, чашата треба да има капак со „клун“ и олово на дното за да се врати во исправена положба во случај да се преврти.

Спречете труење

Кога мојата деветмесечна ќерка доползи до мијалникот, ја отвори вратничката, го извлече средството за чистење теписи и го доближи до устата (сето тоа во три секунди) – толку се исплашив, што веднаш ставив под катанец сè што е отровно.
Меѓутоа, кога со децата ќе одите на гости, таму не се толку внимателни, па цело време ќе мора да внимавате на детето и да го следите во чекор. Бидејќи, кога тоа ќе се најде во непозната средина, веднаш ќе тргне во освојување на новата територија. Затоа, ако сакате да си поразговарате со пријателката, не носете го детето, туку најдете доволно сигурна личност да го причува. Пожелно е тоа да биде искусна личност, блиска на детето, бидејќи и нејзе може да ѝ се случи невнимание кое може „скапо да чини“.

Автор: Маја Скендер, педијатар

 



912

X