Секој родител сака неговото дете да биде успешно во животот, но зошто некои мали деца се поуспешни од другите? Иако интелигенцијата и талентот играат улога во тоа, истражувањата покажуваат дека одредени навики, воспитувањето и личните особини можат да придонесат детето да порасне во успешна личност.

Во продолжение прочитајте ги осумте клучни причини зошто некои деца се поуспешни од другите:

Имаат таков начин на размислување

-Децата што веруваат дека можат да ги подобрат своите способности со напор се поуспешни – вели психологот Керол Двек, додавајќи дека овој начин на размислување им помага подобро да се справат со предизвиците и да учат од своите грешки. Родителите кои го фалат своето дете за напорот наместо за интелигенцијата му помагаат да развие самодоверба и издржливост.

Се учат на дисциплина и самоконтрола

Истражувањата покажале дека самодисциплината е посилен предвидувач за успех од коефициентот на интелигенција. Децата што можат да го одложат задоволството, да управуваат со своите емоции и да се фокусираат на долгорочни цели, имаат подобар академски успех и подобра кариера. Едноставните навики како следење рутина, поставување цели и трпение помагаат да се изгради самоконтрола.

Независни се

Успешните деца често се воспитуваат во средина каде што учат да преземат одговорност за своите постапки. Родителите што ги поттикнуваат децата да бидат независни дозволувајќи им да донесуваат некои одлуки, да решаваат проблеми и да учат од своите грешки, им помагаат да развијат вештини за самодоверба и критичко размислување.

Уште од мали се опкружени со книги

Читањето ги подобрува вокабуларот, разбирањето и критичкото размислување кај децата. Децата што се опкружени со книги од мали нозе обично имаат подобри академски достигнувања и подобри комуникациски вештини. Читајќи им на своите деца, родителите го поттикнуваат самостојното читање и им даваат силна основа за доживотно учење.

Опкружени се со големи очекувања

Успешните деца често се воспитуваат во семејства каде што родителите имаат големи очекувања од нив – но, не во смисла да вршат притисок врз нив, туку очекуваат да вложат труд. Кога родителите поставуваат високи, но остварливи очекувања за своето дете и го поддржуваат во остварувањето на тие очекувања, децата развиваат добра работна етика и амбиција.

Ја учат вредноста на напорната работа

Ова се децата што разбираат дека успехот и постигнувањето на целите бараат посветеност и упорност. Родителите кои даваат пример држејќи се до своите обврски и охрабрувајќи ги своите деца да продолжат да се трудат, дури и кога работите не одат како што треба, ја всадуваат оваа важна особина кај своите малечки.

Учат емоционална интелигенција

Успехот не вклучува само академски достигнувања, туку зависи и од силните интерперсонални вештини. Децата што учат емпатија, комуникација и разрешување конфликти градат подобри меѓучовечки односи и се поуспешни во средини каде што се цени тимската работа. Родителите кои поттикнуваат отворен разговор и ги учат децата на емоционална регулација им помагаат подобро да се справат со социјалните предизвици.

Тие се изложени на различни искуства

Децата што пробуваат различни активности – спорт, музика, патување, културни искуства, се поприспособливи и покреативни. Изложеноста на различни средини и искуства им помага на малите да развијат вештини за решавање проблеми, приспособливост и ја проширува нивната перспектива.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор



912

X