Казната не е секогаш најдобрата опција за вас и вашето дете кога се работи за дисциплината. Постојат осум позитивни алтернативи за казните што се исто така ефективни. Иако зборовите казна и дисциплина традиционално се користат рака под рака, денешните родители сфаќаат дека постојат и други начини да им помогнат на децата да научат од своите грешки и да го поправат своето однесување во иднина.

Важно е да се има на ум дека повеќето однесувања во детството кои може да охрабрат дисциплински одговор произлегуваат од нешто друго освен детската желба за навистина да се стори нешто погрешно. Однесувањето се менува како одговор на развојните фази, чувства за случки кои никако не се поврзани со она што во моментот се случува, како и чувствата на измореност и болест. Пред да одговорите на однесувањето на децата, постојат неколку важни работи што треба да се земат предвид.

Една од најлесните работи што може да ги направите е да се ставите на местото на вашето дете. Кога правиме грешка, дали ни е од помош кога луѓето нè засрамуваат или ни викаат? Се разбира дека не. Кога чувствуваме силни емоции, што всушност бараме? Најверојатно време и простор за да се смириме и да размислиме за сè, а потребни ни се и емпатија и поврзаност. Сето ова важи и за децата, па затоа следните осум стратегии се од помош и се позитивна алтернатива на казнувањето.

1. Направете пауза заедно со вашето дете

Како што споделува Елиса Синели во нејзиниот блог „Мајките од Сан Франциско“: „Паузата е развиена за да им помогне на децата да ги процесираат своите емоции во физички безбедно место. Денес генерално се користи како алатка за засрамување, манипулирање и контролирање на децата со несоодветното размислување дека тоа ќе им помогне да станат подобри луѓе. Додека се на пауза, децата ќе мислат на многу работи – како да се одмаздат, како да избегнат да бидат фатени, како да ги усреќат возрасните, но нема да размислуваат за она што го направиле“.

Ако се тргнете вие и вашето дете од поттикнувачката ситуација или место и влезете заедно во нов простор, ќе помогнете да се смират емоциите.

2. Покажете му на детето дека е слушнато

Децата често глумат кога не чувствуваат дека имаат зборови или ситуација која лесно им дозволува да ги изразат чувствата. Сите го знаеме чувството на „врзан јазик“ или моментот кога се навраќаме на ситуација и посакуваме да сме го рекле она што навистина сме го мислеле. Истото им се случува и на децата. Може да е лесно да се понуди решение на проблем или предизвик со кој детето се соочува, но тоа не е секогаш она што детето го бара. Понекогаш, на детето само му треба да се изрази и да биде слушнато.

Кога детето споделува како се чувствува, вреднувајте го тоа и не правете ништо повеќе. Ако каже дека е луто што некое другарче му ја зело неговата играчка без да го праша, едноставно кажете дека го слушате она што го зборува и дека разбирате зошто е луто. Иако за вас тоа звучи како повторување, за детето е јасно тврдење дека навистина сте слушале.

3. Поставувајте здодевни прашања

Сè се сведува на тоа како функционира умот. Кога амигдалата или делот од мозокот кој се чувствува загрозен реагира, нашите тела ќе одговорат на интензивен начин. Оваа реакција кај детето е најдалечното нешто од смиреноста, која треба да биде дел од справувањето со ситуацијата на здрав начин.

Ако му поставите на детето прашања за теми што не се поврзани со инцидентот, тоа ќе присили друг дел од нивниот мозок да се вклучи, а не да се потхранува реакцијата на амигдалата. Прашањата може да бидат едноставни, на пример, која им е омилената книга или нешто поврзано со временските услови. Со смирено вклучување на другиот дел од мозокот ќе се овозможи и помирна средина и потивок простор за детето.

4. Поврзете се со вашето дете

Глумењето може да подразбира плачење за внимание, дури и ако вашето дете го одрекува тоа. Понекогаш прегратка или обид за поврзаност со вашето дете е сè што е потребно. Многу може да биде ефективно ако во ваквите ситуации покажете емпатија. Можете да користите пример од вашето детство или сегашниот ваш живот, но во секој случај вашето дете ќе чувствува утеха дека не е само.

5. Дајте му избор на детето

Децата може да прават лоши избори кога чувствуваат дека се заглавени во ситуација без опции, како впрочем и секој од нас. Понекогаш им е потребна можност да го искористат својот глас. Ова не е сугестија за да се загради негативно однесување, туку повеќе е начин да се дадат опции како решенија. Можете да речете нешто како, на пример: „Ема, гледам дека си лута сега. Дали би сакала да поседиме во кујната и да бидеме тивки или сакаш да работиме заедно и да ги расчистиме коцките?“ Кога ќе има избор, детето ќе биде утешено во многу ситуации.

6. Направете пауза пред да одговорите

Понекогаш начинот на кој се однесуваат нашите деца ни предизвикува чувства што немаат никаква врска со самите деца. Ние сме родители, што значи дека имаме цел живот на поттикнувачи и распоред кој ни предизвикува замор. Ако направиме пауза за да дишиме длабоко и си обезбедиме простор за да се смириме, можеме да се спасиме од давање одговор за кој подоцна најверојатно би жалеле.

7. Учете ги децата да покажат, а не само да кажат, дека им е жал

Кога ќе ги користите горенаведените стратегии за да создадете посмирен простор, важно е децата да научат дека можат да прават разлика и да ги поправат ситуациите на некој начин. Без разлика дали станува збор за средување на расфрлените коцки, барање од пријател да ги прегрне, им помагаме на децата да сфатат дека ја имаат моќта да ја прифатат негативната ситуација и повторно да ја направат позитивна.

8. Дајте му време на детето

Како што нам ни е потребна минута или две за да се приспособиме на некоја ситуација, можеме да го очекуваме истото и за децата. Ако малечко дете одбива да направи нешто, можете да понудите и малку време заедно со вашето барање. Можете да кажете нешто како, на пример: „Џејмс, кажи ми кога ќе бидеш подготвен да ја поделиш твојата играчка“. Ова ќе му даде шанса да чувствува дека ќе постапи според својот избор, а не според вашиот.

Без разлика кои стратегии ги користите, можете често да се запрашате како би се чувствувале во вакви ситуации. Ако направите пауза за да почувствувате емпатија наместо лутина или фрустрација, ќе си помогнете себеси да реагирате подобро во предизвикувачки ситуации.

Автор: Шариз Ром Нулсен



912

X