Во осмиот месец бебето од положба на грб ќе може да се подигне во седечка, држејќи се за вашите прсти. Во положба на стомак, повеќето бебиња уште не можат да се движат нанапред, но можат да се свртат околу својата оска. Некои бебиња успеваат да се движат наназад или дури нанапред ползејќи или влечејќи се на газето, но најголемиот број уште не умеат да ползат. За да може да се потпре на лактите и колената, најпрво треба да ја совлада способноста за сигурно седење. Има деца што никогаш не научиле да ползат, но затоа порано проодуваат. Некои деца при крајот на осмиот месец успеваат сами да се подигнат во седечка положба, придржувајќи се за оградата, и можат неколку секунди да стојат на испружени нозе. Сепак, колковите на оваа возраст претежно се свиткани. Доенче на седум месеци може кратко да седи без потпора ако го доведете во седечка положба, но уште не може самото да седне. Се потпира на рацете за да не се преврти. Функцијата за фаќање се развива сè повеќе и сега детето со двете раце си игра со предметот кој сè повеќе го фаќа со прстите, а сè помалку со дланката.

Раскажувајте, пејте, читајте…

Во осмиот месец расте интересот на бебето за околината. Сега веќе не се интересира само за вашето лице, туку и за она што го правите. Во состојба е подолго да го задржи вниманието на еден објект, посегнува по играчката што паднала и се лути ако му го земете предметот од рацете. Сè подобро ги разликува познатите од непознатите лица и не дозволува секој да го земе в раце. Гласно се радува на својот лик во огледалото. Бебето гуга на големо, удвојувајќи ги слоговите, но сè уште без смисла. Многу пред да почне да зборува, доенчето успева да разбере одредени зборови, што наскоро ќе го откриете и кај своето дете. Затоа постојано раскажувајте, пејте и читајте.

Исхраната се менува

Повеќето бебиња во осмиот месец од животот имаат понекое запче, што е знак дека им треба малку поцврста храна од досега. Млекото и натаму е неопходен дел од менито и пожелно е да биде мајчино. Ако мајката нема млеко, на бебето му се дава млечна формула со ознака 2, понекогаш може и јогурт, додека кравјото млеко се остава за по првиот роденден. Меѓутоа, ни едно млеко, па ни мајчиното, на оваа возраст веќе не е доволно да се задоволат сите нутритивни потреби на бебето, па на големо прима и друга немлечна храна: житарки, зеленчук, овошје, месо и жолчка. Ако детето го поднесува глутенот, веќе нема ограничувања во однос на житарките што ги зема. Може да се додадат во млекото и овошна каша во вид на снегулки, но и во вид на житни каши (палента и слично). Сите видови месо се користат во исхраната, освен свинското и рибата. Месото треба да е ситно сечкано и да биде измешано во каша од зеленчук. Наместо месо, може да се послужи и тврдо варена, па испасирана жолчка (наизменично: еден ден месо, другиот ден жолчка и така по ред). Со возраста се проширува и асортиманот на зеленчук кој доенчето смее да го јаде. Во осмиот месец може да му понудите: компир, морков, пашканат, карфиол, зелка, прокељ, брокули, спанаќ, блага пиперка, млад грашок, боранија, спанаќ, но сето тоа треба да биде обарено, а нешто и во облик на пире со млекото што го пие детето. Бебињата особено уживаат во овошните кашички. Во осмиот месец на бебето може да му понудите секакво сезонско овошје освен јагоди, малини и капини. Од аспект на алергиите, најбезбедни се јаболката, сливите и крушите, па дури потоа праските, кајсиите, бананите.

Редовни и други прегледи

Во осмиот месец не мора да го носите бебето на систематски преглед. Имено, по деталниот преглед направен на крајот на шестиот месец, следниот редовен преглед е на девет месеци. Ако вашето бебе сè уште нема јадра на окоскување во главичките од бутните коски, потребно е до навршувањето на осмиот месец да го повторите ултразвучниот преглед на колковите, бидејќи таа е најдоцната возраст на која тие нормално се појавуваат.

Се разбира, ако детето се разболи, однесете го на преглед. Обично првите симптоми на оваа возраст се одбивање храна, нерасположение и покачена температура. Бебето веќе не е толку мало да мора веднаш да трчате на лекар. Измерете температура, и ако е повисока од 38 степени мерени под пазува или 38,5 степени мерени ректално, дајте му 2,5 милилитри сируп парацетамол со интензивно пиење вода или чај. По половина час повторете го мерењето и ако температурата почне да опаѓа, останете дома и следете го текот на болеста. Меѓутоа, кај некои деца постари од шест месеци можно е да се случи и нагло покачување на температурата, што често се превидува, а може да предизвика драматичен губиток на свеста, во народот познат како фрас (стручен назив: фебрилни конвулзии).

Интерес за гениталиите

Се сеќавате дека бебето уште во првото тримесечје ги набљудуваше своите рачиња, па ги ставаше в уста, а на крајот од второто тримесечје се интересираше за ножињата, за во седмиот месец да успее да ги „вкуси“ и нив? И натаму испитувајќи го своето тело, во осмиот месец на ред доаѓаат гениталиите, кои детето ги допира исто како што правеше со екстремитетите и во тоа нема ништо лошо, освен ако рачињата се чисти и ако не се измачкани со фекалии. Ова е нормална фаза од развојот што ќе помине и не треба да ја спречувате.

Груби игри

Седуммесечното бебе е комуникативно битие и силно им се радува на допирите, галењето и нежното скокоткање, но не и на грубите игри од кои може да се повреди или уплаши. Фрлањето на бебето во вис и тресењето (во игра, па дури и во гнев) може да доведе до потрес на мозокот и повреда на очите, а лулањето за рацете – до исчашување на зглобот на лакотот или рамото. Тоа, се разбира, не значи дека на бебето нема да му годи „летање“ и благо нишкање додека цврсто го држите околу телото, потоа скокоткање и „нежно борење“. Ако забележите дека бебето се бунтува, престанете со играта која веројатно само вам ви е интересна.

Фебрилни конвулзии

Тие се манифестират со губење на свеста, при што детето се вкочанува, ги превртува очите и добива грчеви на телото и екстремитетите, а често може и да се измокри, да поврати или да се искака. Дишењето е изменето, понекогаш и со пена на устата, која може да биде и крвава поради гризење на јазикот. Нападот личи на епилептичен напад, по што детето е поспано и апатично. Ова нарушување не се јавува пред шестиот месец од животот, а редок е во првата година. Ако се јави кај бебе, неодложен е прием на болница за да се исклучи менингитис (воспаление на мозочната обвивка)! Инаку, нападот спонтано поминува пред да стигне брзата помош. Што да се прави во меѓувреме? Детето треба да се сврти настрана за да се спречи задушување со евентуално повратена содржина и да се испрска со студена вода за да се разлади. Веднаш треба да се викне итна помош. Во случај нападот да трае подолго од неколку минути, ќе се јави и помодрување на кожата, но смртен исход кај типичните напади речиси никогаш не се случува. Дури и ако фебрилните конвулзии престанат сами од себе, неопходно е детето што побрзо да се однесе на лекар. Испитувањето на причините и лекувањето се спроведуваат во болница. Кај децата што доживеале напад на фебрилни конвулзии постои ризик да се повторат при високи температури. Овој ризик оди и до 50 проценти кај децата што првиот напад го доживеале во првата година од животот. Во најголем број случаи повторен напад се случува во рок од 30 месеци од првиот. Децата што повеќе пати имале фрас имаат зголемен ризик од епилепсија во споредба со другите. Некои деца по првиот, а повеќето деца по вториот напад ќе мора подолго време да земаат одредена терапија, која ја препишува педијатар – невролог.

Фрасот е наследен и речиси кај секое дете со фрас постои уште некој во семејството кој, кога бил мал, имал иста преголема чувствителност на нервниот систем на зголемена температура.

Автор: Маја Скендер, педијатар

 



912

X