Секој родител знае дека тинејџерските обврски може да го растревожат целото семејство бидејќи тешко нешто да се изврши веднаш, а на тоа да не му претходи „перформанс“ на негодување, погодување и одложување. Како се чувствуваат родителите потоа, по сите тие вечни билатерални преговори? Исцрпено и беспомошно. А да не зборуваме за драмите со другарите и раскинувањата. Секое случување во нивниот другарски универзум е катастрофа од епски размери. И самиот Толкин би им завидел на превирањата кон кои се склони.
Како да се изборите со тинејџерската драма, сигурно се прашувате. Ова се 8 проверени стратегии за мирни родителски нерви:
Стратегија 1: Бидете смирени
Родителскиот инстинкт во различни пригоди се едначи со животинскиот, па би скокнале во заштита на детето штом намирисаме неволја. Додека се со нас, нашите деца не треба да страдаат. Тешко е да се набљудуваат отстрана нашите тинејџери додека поминуваат низ драма типична за нивните години. Ќе дојде период кога пред ваши очи ќе се одигрува ситуација која апсолутно не е фер за вашето дете, но ќе морате да се притаите и да останете мирни. Ќе морате да почекате вашиот тинејџер сам да ви се обрати за помош. Обрнете внимание на својата реакција. Немојте да навлегувате во тага бидејќи тоа само додава масло на огинот. На вашиот тинејџер во тој момент му е потребно позитивно внимание, разговор, разбирање и конструктивно решение.
Стратегија 2: Активно слушајте
Некој ќе се запраша како може поинаку да слушам ако не активно? Активното слушање е слушање, зарем не? Искуството покажува дека не е. Постои активно и пасивно слушање. Пасивното слушање е сослушување на соговорникот, каде што не обрнувате внимание на она што ви го зборува, туку само чекате разговорот да заврши. Активното слушање, од друга страна, е вистинското слушање кое се одликува со вниманието што му го посветувате на соговорникот и учествувате во конструктивни идеи за решавање на предизвикот кој се изнесува во разговорот.
Активното слушање на тинејџерот значи разбирање, искреност, доверба и сигурност. Тоа подразбира дека сте подготвени да ги прифатите чувствата на своето дете, без потреба да ги исправите. Уверете го дека прифаќањето на емоциите е дел од процесот на тагување. Доколку некој на вашето дете му рекол дека не сака да се дружи со него, немојте да кажете: „Ќе најдеш ти подобро друштво“, туку дајте му до знаење дека сте покрај него и дека е сосема во ред да чувствува тага.
Стратегија 3: Истакнете ја важноста на широкиот круг на пријатели
Еден од наједноставните, а најефективен начин да го намалите степенот на драма кај вашиот тинејџер е да го поттикнете да има широк круг на пријатели – да се дружи со децата од соседството, од тренингот и/или со децата на вашите колеги итн. Тинејџерите се склони кон тестирање на пријателството. Би скокале од една група пријатели во друга за да ги тестираат, да видат дали ќе бидат љубоморни. Дајте им до знаење дека тоа е лошо и неприфатливо, па и непристојно однесување и објаснете им дека е во ред да имаат голема група на пријатели. Кај девојчињата таквите обрасци на однесување се нагласени, додека на момчињата не им е важно, тие се дружат со оној што во тој момент е слободен, без скриени намери.
Стратегија 4: Славете ја самопочитта
Тинејџерските пријателства се константно на тест за издржливост. Озборувања, намерно изоставање, „преземање“ симпатии и да не се продолжува понатаму, листата е прилично долга. Често тестовите се краткотрајни и кога ќе помине бурата, пријателството продолжува. Меѓутоа, некои пријателства не се толку отпорни и завршуваат. Погрижете се да ги научите своите деца да ги завршат своите односи со почит. Пред тоа, во периодот кога ќе почнат да создаваат силни пријателства, научете ги да не користат погрдни зборови за намерно да ја повредат другата личност. Не постои оправдување за непристојно однесување.
Стратегија 5: Речете „не“ на војните преку социјалните мрежи
Последниве години се појавија и негативните последици од користењето на социјалните мрежи. Имено, следствено на неразвиената свест за последиците од своите дела, многу деца имаат проблеми поради онлајн-интеракциите.
Децата мора да научат дека повеќето од проблемите со друштвото се решаваат во живо, а не преку социјални мрежи или пораки. Укажете им на важноста од критичко расудување и размислување пред да постават нешто на социјалните мрежи, достапни на илјадници луѓе.
Стратегија 6: Кажете „не“ на менталитетот на жртва
Психолозите советуваат со разговор со вашиот тинејџер да поминете низ ситуацијата од која потекнала драмата. За танго се потребни двајца, па така и во судирот на мислења и последичното несогласување учествувале двајца. Погрижете се вашето дете да знае да ја премота ситуацијата и да најде каде направило погрешен чекор. Доколку може искрено да тврди дека дало сè од себе, а работите сепак тргнале наопаку, или дека може да уочи што можело да стори поинаку, тоа е одлично. Охрабрете го своето дете да биде проактивно во социјалните односи, да знае да ја признае грешката или да укаже на она што го повредило.
Стратегија 7: Следете ги „знаците покрај патот“
Разбирлив е фактот дека родителите често не можат да забележат некои нијанси во промената на расположението и однесувањето на своите деца. Брзањето, работата, обврските, сето тоа може да ни го оттргне погледот од „знаците покрај патот“.
Разговарајте со своите деца, поставувајте им прашања, бидете во тек. Ако вашите деца не сакаат да ги испитувате, искористете ја можноста додека купувате или додека се возите во автомобил да поразговарате за тоа што им се случува. Веројатно во тие непланирани ситуации, кога не се присилени на разговор, тинејџерите ќе можат повеќе да се отворат и повеќе да кажат.
Стратегија 8: Кажете „да“ на златното правило
Сите знаеме и се обидуваме да го следиме Кантовото златно правило: „Не прави му го на другиот она што не сакаш да ти го прават тебе“. Всушност, децата мораме да ги потсетуваме на тоа бидејќи често не можат да ги регулираат емоциите поради напливот на непријатни чувства и лутина. Нека научат дека златното правило е морален компас, не само сега, туку секогаш во животот.
Автор: Шерил Батлер