Кога мојот син имаше 6 години, имаше кутија исполнета со предмети за утеха под својот кревет. Ја исполнуваше со различни работи што му помагаа во справувањето со чувствата – малечко ќебенце, топка, шише со вода. За да најдете методи да го смирите вашето малечко, а кои сè уште не сте ги испробале, експертите имаат неколку совети и стратегии, па зошто да не се обидете?

1. Бидете огледало

Ова е техника со која ќе спречите да дојде до ескалирање на ситуацијата. „Кога вашето дете споделува фрустрација, парафразирајте ја кон него“, вели Робин Гувич, професор по психијатрија и науки за однесување од Универзитетот „Дјук“.  На пример, ако детето рече: „Наставникот по математика ни даде толку многу домашна задача!“ наместо да кажете „Оф леле“ или „Навистина?“, вие одговорете со „Многу математика вечерва!“ Потоа нека следува поттикнување на самодовербата, на пример: „Ти си многу добар во решавањето математички проблеми. Ми се допаѓа начинот на кој се обидуваш да решиш тешки задачи. Ќе бидам тука ако заглавиш некаде“. Оваа стратегија покажува дека ги прифаќате фрустрациите на детето, па не мора да се вознемирува дополнително за да го привлече вашето внимание, вели д-р Гурвич.

2. Играјте умствена игра

Следниот пат кога вашето дете многу ќе плаче, па не можете ниту да разберете што зборува, направете нешто неочекувано за да му го привлечете вниманието, вели Аманта Рутер, поранешен советник за ментално здравје, која сега се занимава со пишување блог. „Исклучете ги светлата, скокнете или шепнете“, вели таа. Тогаш детето слуша, па речете му да наброи 5 работи кои се сини или 3 работи кои може да ги допре во моментот. „Тоа ќе му помогне да се одвои од емоционалниот дел во умот и да се насочи кон логичниот, па ќе почне да се смирува“, објаснува Рутер.

3. Испратете позитивни вибрации

Кога ќе забележите дека устата на детето почнува да трепери, започнете да пеете „ом“ на смирувачки начин, вели Шакта Калса, основач на „Радиант јога за деца“. Направете контакт со очите и нишајте го детето напред-назад. Можете да ги држите неговите раце и да правите нежни кружни движења. Оваа стратегија функционира и кај постарите деца, па научете ги да пеат со вас. Пеењето е базирано на идејата дека секој звук предизвикува вибрација која влијае врз одреден дел од телото, а „ом“ се однесува на срцето, предизвикувајќи смирени чувства, вели Калса. Исто така, скенирањата покажале дека ваквото пеење предизвикува регионите во умот поврзани со емоциите да бидат помалку активни.

4.  Нов начин на прегрнување

Прегратките од мама и тато се најдобри. Но, ако детето почнува да се чувствува тажно или анксиозно кога не сте со него, без разлика на која возраст е, тогаш може да ја добие „пеперутка-прегратката“, вели Соња Кромрој, лиценциран терапевт специјализиран за анксиозност и траума. Замолете го детето да се преправа дека дува свеќи неколку пати. Потоа прекрстете ги рацете на детето преку градите како самото да си дава прегратка, а прстите нека се насочени кон вратот. Потоа нека ги затвори очите и нека ги почувствува прстите како полека се движат од десно кон лево 6 до 8 пати додека дише полека. Може да го повторува процесот додека не се чувствува подобро. „Со оваа стимулација се зајакнуваат мрежите во мозокот кои го намалуваат емоционалниот стрес“, тврди Кромрој.

5. Дишете со стомакот

Кога вашето дете е фрустрирано, може да му кажете да диши длабоко. Но, што значи тоа? Научете го на една од методите за дишење со стомакот. Ако имате мало дете, држете еден прст и побарајте од него да замисли дека зема длабок здив и дува балончиња. Кога ќе биде поголемо, кажете му да се преправа дека стомакот му е балон и треба да диши преку носот за да го исполни со воздух. Ќе знаете дека правилно го прави тоа ако почне да му се шири стомачето. Ако не го прави тоа, нека ги крене рацете за да направи голем круг околу главата, како да е во балонот, па треба да диши за да го наполни. Потоа може да го „пукне“ балонот преку плескање со рацете.

6. Притиснете ја мирната точка на детето

Ако сè уште е вознемирено иако веќе е со вас, користете акупунктурни техники, сугерира Алиса Џонсон, која третира пациенти во Детската болница во Солт Лејк Сити. Следете ја линијата на врвот од увото на детето со вашиот прст додека не почувствувате раб и нежно со кружни движења галете го тоа место 5 до 10 секунди. Потоа, галете го детето на внатрешноста од лакотот со врвовите на прстите. Исто така, опција е и комбинирање на овие две места додека да се смири. Џонсон вели дека се смета оти на ваков начин се ослободува хормонот ендорфин, кој го подобрува расположението.

7. Изладете го детето

Мал млаз со вода може да му помогне на детето да се „излади“, вели Илана Луфт, клинички психолог во детската клиника „Сент Луис“. Таа сугерира да се нанесе студена, влажна крпа или да ги натопите прстите во студена вода и нежно да го допирате лицето на детето. Со тоа ќе ја намалите неговата телесна температура, па ќе се забави чукањето на срцето и ќе се смири дишењето на детето.

Автор: Бетси Стивенс

Извор



912

X