Бебето ги врши последните подготовки за јуриш кон светот: ги вежба мускулите што ќе ја држат тежината на телото, но сè уште тоа го прави во лежечка положба.

Психомоторен развој

Во текот на седмиот месец доминира силната желба на доенчето за движење. Во положба на стомак, тоа го поместува тежиштето кон задниот дел на телото, потпирајќи се на дланките и на колковите. Во настојувањето да се движи нанапред, се придвижува наназад. Ако му дадеме играчка, ќе ја подигне едната рака за да ја дофати, поместувајќи ја тежината на телото настрана, потпирајќи се на една дланка и на карлицата. Детето со леснотија дофаќа и преку средината на телото.
Во положба на грб, доенчето продолжува да го запознава своето тело. При крајот на седмиот месец ги става стапалата в уста, при што многу ги истегнува слабинските пршлени. Спротивен ефект се постигнува со пасивно поставување на детето да седи (‘рбетниот столб трпи притисок, особено во долниот дел) што може да има штетни последици. Пред да наполни седум месеци, бебето сè уште не може самостојно да седи бидејќи без потпирач е нестабилно и може да се преврти. Тоа значи дека може пократко време да седи навалено на потпирач (количка, автомобилско седиште), но сè уште е рано за столче за хранење.

На оваа возраст бебето активно се врти од грбот на стомак и обратно (ако вашето седуммесечно бебе „паѓа“ од грбот на стомакот, посоветувајте се со педијатар). Бебето наизменично има страна на потпирање и страна за играње, зависно од страната на која се врти. Долната страна има улога на потпирач при вртењето, подоцна при одењето, додека горната страна е во фаза на играње, а подоцна за движење нанапред. Во секој случај, бебето уште во лежечка положба „ги тренира“ сите групи мускули за одење. Тоа при вртењето преку средината на телото на двете страни – чекори лежејќи.
Просторната перцепција се проширува и на оддалечени предмети. Така детето успева да ја дофати играчката што ја испуштило – и тоа во положба на грб или од вашата прегратка.
Бебето изразува недоверба кон непознати лица, понекогаш дури и страв – кој се манифестира со плачење кога ќе се најде во непознато друштво.

Исхрана на бебето

Ако бебето до навршувањето на шест месеци само цицало, сега освен млекото мора да добива и други видови храна. Најдобро е млекото што го пие и натаму да биде мајчиното.
Новитетите во седмиот месец се однесуваат на месо, жолчка и житарки кои содржат глутен (пченица, јачмен, ‘рж и овес).

Повторно за алергиите

Одреден број доенчиња (особено оние во чие семејство постои склоност кон алергиски заболувања, како и оние што се на вештачка исхрана) имаат повторени опструктивни бронхитиси (воспаление на дишните патишта, придружено со отежнато дишење и „свирење“ во градите). Предизвикувачот обично е вирусна инфекција, придружена со повишена температура, а на толку рана возраст тешко е да се разликува алергиски од неалергиски бронхитис.
Имено, и микроорганизмите можат да покренат алергиски механизми, кои за последица имаат стеснување на дишните патишта поради грчењето на мускулниот слој во нивниот ѕид, што го отежнува издишувањето и дава звучен феномен во вид на свиркање. Поради натрупувањето на густ секрет, некои деца буквално се задушуваат и им треба итна лекарска помош. Повеќето добро реагираат на инхалација на бронходилататори, а во потешки случаи неопходно е да се примени и краткотрајна хормонска терапија.

Ваква епизода во текот на инфекцијата може да му се случи на секое доенче бидејќи бебето има мал пречник на дишните патишта, па обилниот секрет уште повеќе го стеснува нивниот лумен, предизвикувајќи отежнато дишење. Меѓутоа, кај некои бебиња во основата на заболувањето постои алергиски механизам. Тие се „кандидати“ да заболат од бронхијална астма, хронично заболување кое може да ги следи сè до пубертетот, а во најтешките случаи – и до крајот на животот.
На оваа возраст тешко се докажува алергијата, дури и кога таа постои. Поради слабата кожна реактивност кај децата помлади од три години, алергиските кожни тестови се негативни. За спирометриски испитувања на белодробната функција сè уште е рано, со оглед дека малите деца не се во состојба да соработуваат. Повеќето педијатри се на мака кога е во прашање лекувањето на доенчиња со повторени бронхоопструкции, бидејќи на оваа возраст речиси никогаш не се работи за чисти алергии, туку и за здружена инфекција, неретко и воспаление на белите дробови или/и средното уво. Сепак, за да не дојде до злоупотреба на лекови, особено антибиотици во ситуации кога не се од корист, добро е да се консултира детски пулмолог доколку нападите на задушување се чести, особено ако постои семејна склоност кон алергиски болести.

Дали бебето може да биде алергично на полен?

Со оглед дека алергискиот имунолошки одговор секогаш е реакција на повторениот (а не на првиот) контакт со алергенот, не треба да се очекува дека бебето при првиот контакт со поленот ќе реагира како астматичар, но тоа може да се случи наредната сезона.
Меѓутоа, кога се работи за алергени од храната, ситуацијата е поинаква. Ако доенчето помладо од шест месеци дојде во контакт со белковини за кои не е подготвено (пред сè белковини од кравјо млеко, но понекогаш и од соја), кај него брзо може да се развие алергија – која се манифестира со пролив, а понекогаш и со отежнато дишење.
Иако ретко, симптомите можат да се појават и кај бебиња што исклучиво се на мајчино млеко, доколку мајката консумира кравјо млеко и млечни производи. Опишана е и многу ретка алергија на секое, па и на хумано млеко.
Кај нутритивната алергија, може да се помогне на начин што од храната ќе се исклучат намирниците на кои бебето е алергично и ќе се заменат со други видови храна. А бидејќи на бебето и натаму млекото му е неопходно во исхраната, наместо обична адаптирана млечна формула, се даваат хипоалергени формули – каде што белковините од кравјото млеко се разложени на помали молекули, кои не предизвикуваат алергиски имунолошки одговор. Некои бебиња што се алергични на млеко добро поднесуваат соја, па се советува исхрана со соино млеко. Во секој поединечен случај потребен е детален план за исхрана, со што се занимаваат педијатрите-нутриционисти и алерголозите.

Превенција

Најлесно е болеста да се спречи. А тоа треба да се прави од самото раѓање на детето. Затоа, при првото плачење на бебето по доаѓањето од родилиштето не помислувајте дека немате доволно млеко, па веднаш да посегнете по вештачко бидејќи тоа може да има далекосежни последици. Продукцијата на вашето млеко зависи од побарувачката: сигналот за создавање и излачување млеко тргнува од брадавицата – што повеќе се празни дојката – се создава повеќе млеко (и обратно). Секоја прихрана со млечна формула води кон комплетна вештачка исхрана по најмногу два месеца, што сериозно го зголемува ризикот од алергиски заболувања. Кај народите што првите шест месеци исклучиво ги дојат децата има далеку помал број случаи на астма! Но, бебето не смее ни да гладува. Доколку мислите дека немате доволно млеко, посоветувајте се исклучиво со педијатар, кој ќе ви даде адекватен совет за исхраната.

Патување со бебето

Бебето веќе е доволно пораснато за да може да „тргне“ подалеку од својот дом. Сепак, одморот со седуммесечно бебе бара добра подготовка. Најдобро средство за патување е авион или воз (кола за спиење). Поради жештините (или претераната свежина во климатизиран автомобил), како и поради ограничениот простор – автобусот и патничкиот автомобил не се соодветни за подолги патувања.
Наутро, пред поаѓање, на бебето дајте му да се напие млеко. На патувањето треба да понесете провриена вода за пиење, овошен сок и неколку тегли готови кашички. Не е неопходно да носите млеко бидејќи лесно се расипува. Впрочем, на бебе од седум месеци нема ништо да му стане ако еден ден не пие млеко. Доколку направите пауза заради преноќување, можете да понесете кутија со млечна формула (се подразбира дека сте понеле прибор за јадење) и вечерта на бебето подгответе му млечен оброк. Се разбира, бебињата кои уште цицаат имаат привилегија во секој момент и на секое место да добијат млеко.
Прекинете го патувањето за време на пладневната жега и побарајте сенка. На местото на престојување користете исклучиво вода од шише за пиење, која треба да се преврива за бебето, ако на шишето не стои поинакво упатство. За растворање на млечната формула, најдобро е да се користи специјална вода за таа намена.
Добро измијте ги рацете пред подготовката на оброкот за бебето и хранењето! И покрај сите мерки на претпазливост, многу често се случува бебето да се разболи кога ќе ја промени средината. Затоа мора со себе да имате прирачна аптека, која задолжително треба да содржи лек за симнување на покачена температура во вид на сируп или чепчиња, но и контакт-телефон од вашиот педијатар.

Нега на млечните заби

За да бидат здрави запчињата, потребно е еднаш до двапати на ден да се избришат со влажна газа. Подоцна ќе користите и четкичка и ќе го учите детето само да ги мие забите (на почетокот само со вода). Откако ќе наполни шест месеци, на доенчето еднаш дневно му се дава флуор во таблетки – доколку водата што ја пие не содржи доволна количина од овој микроелемент, за што треба да се посоветувате со педијатар или стоматолог.

Лекарски прегледи

Кога ќе наполни шест месеци, бебето оди на систематски преглед каде што ќе биде измерено, прегледано. Со ултразвучен преглед на колковите се проверува дали почнало окоскувањето на дотогаш ‘рскавичавите главички на бутните коски, што е предуслов тие зглобови да ја „преземат“ тежината на телото. Нормално, јадрата на окоскувањето се јавуваат меѓу вториот и осмиот месец. Доколку колковите се во ред, бебињата што дотогаш користеле широк повој, повеќе нема да имаат потреба да го користат.

Автор: Маја Скендер, педијатар

 



912

X