Погледнете што сè ве очекува во шестиот месец од животот на бебето.

Психомоторен развој

Околу половината од првата година – бебето, во положба на стомак, сè повеќе се подига, потпирајќи се на испружените раце со отворени дланки, додека тежината на телото се поместува кон карлицата. Колковите се раширени, потколениците се свиткани во колената и подигнати во вис. Ако вашето бебе во оваа положба не може целосно да ги отвори дланките и/или не може да ги испружи рацете пред градниот кош, посоветувајте се со педијатар.

* Во шестиот месец, доенчето во положба на грб постојано ги дофаќа своите стапала и си игра со нив. За тоа време го подигнува газето од подлогата, истегнувајќи ги слабинските пршлени и јакнејќи ги стомачните мускули. Ова е извонредна подготовка за стабилност на ‘рбетниот столб, кој во наредниот период треба да ја преземе тежината на телото. За бебе од шест месеци е покорисна од ставање во седечка положба, која го намалува тренингот на стомачните мускули и непотребно врши притисок врз слабинските пршлени.

* Со половина година детето ја фаќа играчката преку средината на телото на другата страна, со поместување на тежината на телото на колкот. Притоа, ја подига главата бочно, додека страната која е долу – дава потребна потпора, а нозете се движат во автоматизам на чекорење. Ако продолжи во тој правец, во состојба е да се сврти од грбот на стомак. Играчката прво ја фаќа со цела рака, а потоа ја врти во раката, придвижувајќи ја постепено кон средниот прст и палецот. Предуслов за тоа е губењето на рефлексот за фаќање. Доколку тој се одржува кај вашето бебе на оваа возраст, посоветувајте се со педијатар. Не користете скокалка за бебе бидејќи може да ја наруши диференцијацијата на нозете на детето (наизменични движења како чекорење).

* Моторниот развој на доенчето го следи и развојот на просторната перцепција. Бебето сега забележува висина и длабина: доколку седејќи во вашиот скут ја испушти играчката на подот, ќе гледа по неа и ќе се наведнува надолу додека не ја дофати. Промената се уочува во контактите со другите луѓе. Бебето досега не правело разлика меѓу познати и непознати лица, а од шестиот месец почнува да покажува воздржаност, па и страв од непознати лица. Дури и својот одраз во огледалото го набљудува скептично. Затоа кога ќе здогледа драг лик, ќе се радува и ќе гуга, удвојувајќи ги слоговите: ба-ба, да-да, та-та, но тоа сè уште нема некое значење. Инаку, со навршени шест месеци рефлексот на цицање исчезнува.

Први заби

На бебето му никнуваат првите запчиња. Тоа се долните секачи. Доколку не се појават ни во седмиот месец – не очајувајте, наскоро и тоа ќе се случи. Мачнотиите што го следат избивањето на првите млечни заби се најизразени, па доенчето е нервозно и раздразливо. Понудете му гумена „глодалка“ , но и поцврста храна.

Како да ја одржувате хигиената на млечните заби?

Засега може да ги бришете забите со газа натопена во вода, но најважно е да не го успивате бебето со шишенце или цуцла-лажалка.

Исхрана

Вашето млеко во 70% од случаите веќе не може да ги задоволи сите потреби на бебето во хранливи материи, па крајно време е да почнете со воведување немлечна храна. Доколку воопшто повеќе немате млеко, бебето хранете го со млечна формула според препорака на педијатар. Кравјото млеко оставете го за после првиот роденден поради можни алергиски реакции.

Кашичките подготвувајте ги така што варените намирници или свежото овошје ќе ги пасирате и ќе го храните бебето со лажичка. На почетокот месото се дава пасирано, потоа гмечено, па на крај сечкано, измешано со зеленчук.

Краток потсетник за исхрана во шестиот месец

Ако бебето цица, до крајот на шестиот месец мајчиното млеко му ги обезбедува сите потребни хранливи материи освен витаминот Д, кој се додава во форма на капки. Доколку немате доволно свое млеко или бебето го храните со формула, по навршените шест месеци задолжително треба да воведете немлечна храна во менито на бебето.

Слабокрвност

Железото е елемент неопходен за живот – бидејќи, како најважна состојка на хемоглобинот во крвта, има улога да го пренесува кислородот. Бебињата родени навреме доаѓаат на свет со резерви на железо, добиени од мајката при крајот на бременоста, кои траат неколку месеци. Млекото е намирница сиромашна со железо, а железото од мајчиното млеко пет пати подобро се искористува отколку од кравјото.

Иако во првите месеци доаѓа до извесен пад на нивото на хемоглобин во крвта, тој е физиолошки. Затоа на здраво доенче на природна исхрана најчесто не е потребно да му се додава железо. Меѓутоа, тоа не важи за предвремено родените бебиња, бебињата што се мали за возраста и бебињата на вештачка исхрана.
Бебињата што се родени со недоволни резерви на железо, или имале некое крвавење на рана возраст – обично веќе по вториот месец од животот се слабокрвни (анемични) и бараат терапија со препарати од железо. За бебињата на вештачка исхрана се препорачуваат млечни формули збогатени со железо, а ако не им се допаѓа нивниот вкус, железото може да се дава и во форма на капки.
Анемичното доенче е бледо, безволно, со слаб апетит и болешливо. Но, по две недели од почетокот на терапијата со препарати од железо тоа станува поживо, подобро јаде и напредува во тежината. Меѓутоа, терапијата треба да се спроведува сè додека не се нормализира нивото на хемоглобин во крвта, плус уште еден месец да се пополнат резервите во организмот, со контролирање на крвната слика еднаш месечно.
Бебето кое и по навршени шест месеци само цица е во голем ризик да заболи од анемија, но и од други нарушувања бидејќи мајчиното млеко по таа возраст не може да ги задоволи сите потреби од хранливи материи.

Бебето сè уште бара да цица ноќе

На бебе од пет-шест месеци кое убаво напредува не му е потребен ноќен оброк. Ако и натаму ноќе се буди да цица – во прашање е само навика која сè потешко може да се промени како што ќе расте. Не чекајте детето да прооди бидејќи тогаш самото ќе доаѓа кај вас и ќе бара да цица.

Многу е лоша навиката бебето да се успива со храна. Така нема да сака самото да заспива ни кога ќе биде доволно големо, а присуството на млечен и друг вид шеќер во усната шуплина во текот на ноќта доведува до крвавење на млечните запчиња, со далекосежни последици.
Секој ритуал на успивање среде ноќ создава навика, па детето не ќе може да заспие без него. Доколку сте сигурни дека бебето добива доволна количина храна во текот на денот (убаво напредува во телесната маса), обидете се да му го исфрлите ноќниот оброк на еден од трите начини:

1. Моментално одвикнување

Кога бебето ќе се разбуди и ќе почне да плаче, не одговарајте, туку оставете го да плаче. Првата ноќ тоа можеби ќе трае и цели два часа, па од умор конечно ќе заспие. Следната ноќ ќе плаче многу пократко, а по неколку дена – кога ќе се увери дека плачењето е залудно, нема веќе да се буди. Доколку во кој било момент плачењето на бебето се промени и звучи како бебето да е во неволја, задолжително проверете да не се вплеткало во прекривките или зазело непријатна положба од која не може да се извлече. Ако сепак овој начин ви изгледа премногу суров, обидете се со постепено одвикнување.

2. Постепено одвикнување

Одговорете кога детето ќе ве повика, но не така што ќе го нахраните. Обидете се на друг начин да му помогнете да заспие (со галење, пеење, но без да го земате в раце). Кога ќе се смири, оддалечете се. Ако повторно почне да плаче, пуштете го да плаче пет минути или колку што можете да издржите, па повторно смирете го на истиот начин. Притоа не чекајте покрај креветчето на бебето додека да заспие, туку „исчезнете“ поран, за со текот на времето да се навикне само да заспива. Секој следен пат пуштете го да плаче по пет минути подолго пред да се појавите. Еднаш можеби ќе ве изненади и нема да се разбуди до утрото.

3. Реагирајте однапред

Водете евиденција за времето кога се буди бебето во текот на ноќта. Разбудете се половина час порано, разбудете го детето и нахранете го, не чекајќи да се разбуди спонтано. Наредните денови постепено зголемувајте го интервалот меѓу ноќните оброци сè додека бебето не се навикне да ја преспие ноќта. Меѓутоа, ова не помага ако бебето заспие веднаш штом ќе почне да цица.
Споменатите методи не треба да се применуваат кај бебиња што имаат некаков ризик или здравствен проблем (родени предвреме или со мала родилна тежина за датумот на раѓање, како и болни бебиња).

Лекарски преглед

На возраст од шест месеци на бебето на систематски преглед ќе му бидат измерени должината, телесната маса, обемот на главата и ќе му се направи крвна слика. Во првата година најважно е да се следи движењето на масата на телото и обемот на главата, а дури подоцна на значење добива и растот во висина. Во второто тримесечје од животот прирастот на телесната маса изнесува околу 600 грама месечно. Обемот на главата е за околу девет сантиметри поголем отколку при раѓањето.

Дали сега бебето смее да седи и да стои?

Бебе од шест месеци може да седи со придржување, но уште не е во состојба само да се постави во таква положба. Подобро е да се остави во креветчето во лежечка положба – од која со текот на времето ќе научи да седне, а подоцна и да се исправи. Секоја положба што бебето само ќе ја усвои е многу покорисна од пасивното доведување до таа положба.
Се разбира, бебето можете да го поставите во седечка положба во количката, а можете да го носите и во кенгур ако не е претешко, додека за носилка на грб уште е рано. Сега бебето ќе може да седи и во кадичката за бањање, што може да биде вистинско уживање за него, но ни една секунда не оставајте го само!

Иако доенчето од шест месеци покажува желба да се исправи на нозе, тоа не може самото да го направи тоа, па не треба ни со ваша помош (цупкањето на оваа возраст е штетно!) бидејќи ‘рбетниот столб уште не е подготвен за тоа.

Автор: Маја Скендер, педијатар

 



912

X