Има моменти кога како родители на мали деца нивниот недостиг на емоционална интелигенција ве вознемирува. На пример, кога тие имаат „нервен слом“ бидејќи сте им рекле дека не е во ред да му даваат гума за џвакање на кучето. Она што е тешко како родител да го знаете е кога да им попуштите бидејќи всушност се однесуваат соодветно на нивниот моментален развој, а кога да ги поттикнете. Ова се 5 прашања што треба да си ги поставите во однос на тоа колкава е емоционалната интелигенција на вашето дете:

1. Дали моето дете може да ги објасни сопствените чувства?

Емоционалната интелигенција не е клинички термин и не е конкретен концепт кој може да биде измерен на кој било стандарден начин. Ако сте загрижени дека детето се бори со емоционална регулација или има проблеми со менталното здравје, разговарајте со неговиот лекар. Емоционалната интелигенција е важна.

– Тоа е основата на многу важни вештини што започнуваат во детството и продолжуваат и во возрасниот живот. Тука се вклучува способноста за емпатија, справување со стресот и фрустрациите, како и креирање блиски односи со другите. А првиот дел од развивањето емоционална интелигенција е учење да се препознаат емоциите како што тие се појавуваат – а за тоа е потребна практика. Можете да му помогнете на детето во таа насока, на пример, ако му кажете: „Изгледаш вознемирено“ или „Изгледаш фрустрирано“, кога детето се соочува со тие емоции, а исто така треба да се уочуваат и позитивните емоции. Најдобриот начин да му помогнете на детето да биде емоционално интелигентно е ако разговарате со него за чувствата – вели Стивен Мејерс, професор по психологија на Универзитетот „Рузвелт“ во Илионоис.

2. Дали моето дете може да ги опише чувствата на другите луѓе?

Емоционалната интелигенција не подразбира само сфаќање на сопствените чувства, туку и на чувствата на другите. Забележувајте колку добро вашето дете го прави тоа. Една едноставна стратегија е да го прашувате што мисли дека чувствуваат ликовите во неговите омилени книги или цртани, вели Мејерс. Тој советува и дека не треба да се очекува многу бидејќи за развој на емпатијата е потребно време.

– Емоционалната интелигенција природно се развива како резултат на биолошко созревање и собраните искуства на децата. Исто така, ги одразува зголемените когнитивни способности на децата, како што се подобруваат нивните способности да ги разберат апстрактните мисли и да размислуваат.

3. Дали изгледа дека се однесува барем слично на своите врсници?

Споредувањето на детето со неговите врсници може да биде малку непријатно бидејќи децата се развиваат како индивидуи, но ако вашата цел е да добиете генерален увид во емоционалната интелигенција на детето, може да биде корисно да погледнете дали тоа е слично со врсниците. Можеби ќе забележите дека детето се бори со справување на сопствениот гнев во моментите поминати на игралиште и слично. Сепак, од тоа може да уочите дали детето може да зборува за чувствата и како ги перципира чувствата на другите. На таа возраст детето треба да е способно да ги опише своите чувства, а и да објасни, додека пак како група децата веќе покажуваат како се чувствуваат преку однесувањето.

4. Има ли алатки за справување со тешките емоции?

Чувствата се тука за бидат чувствувани. Развивањето на емоционалната интелигенција не подразбира игнорирање на чувствата. Запрашајте се дали вашето дете може да се справи со тешките емоции и како го прави тоа. Повторно, важно е да ја земете предвид неговата возраст. Не вознемирувајте се ако не прави нешто што е целосно нетипично за неговите години.

5. Каков пример сум за моите деца?

– Важно е родителите да одвојат време и да ја разберат и сопствената емоционална интелигенција – вели Пати Тринд, експерт за развивање наставни програми за деца од претшколска возраст и основци, додавајќи дека многумина од нас не ги добиле тие насоки како деца. Одвојте време да зборувате со децата и за вашите чувства. Забележувајте ги чувствата на другите луѓе заедно со децата и зборувајте за одредени сценарија и можните реакции на нив. Научете ги на здрави методи за справување со тешки емоции, на пример, прошетки, пишување дневник, длабоко дишење – нешто што и вас ве смирува. „Сè се сведува на разговарање со децата во врска со овие клучни концепти“, додава Тринд.

Автор: Кетрин Пирсон

Извор



912

X