Постојат четири најчести облици на запоставување во детството: физичко, емотивно, образовно и здравствено. Меѓутоа, често се заборава на кои сè начини детето може да биде занемарувано и какви се последиците врз неговиот развој.

Кога размислуваме за „злоупотреба на детето“, најчесто сметаме дека станува збор за физичко или сексуално злоупотребување, превидувајќи ги ситуациите што не се толку уочливи. Еве на кои начини детето може да биде емоционално злоупотребено:

1. Емоционално занемарување

Според британската хуманитарна организација National Society for the Prevention of Cruelty to Children (NSPCC), постојат четири најчести облици на занемарување во детството: физичко, емотивно, образовно и здравствено. Физичкото, образовното и здравственото занемарување ретко се забележуваат однадвор. Емоционалното занемарување се дефинира како недостиг на негување и стимулирање на потребите на детето. Иако тешко се забележува, занемарувањето на детските потреби често може да нанесе повеќе штета од видливите видови занемарувања.

Кои симптоми се забележуваат кај возрасни лица, а се последица од емотивно занемарување во детството?

Според д-р Мари Кованен, британски клинички психолог, вообичаени симптоми на тоа се чувство на празнина, страв дека зависиме од другите, слаба свест и слабо разбирање на емоциите.
Треба да се нагласи дека таков вид занемарување може да биде присутен и кај „добри“ семејства. Фактот дека детето има задоволени физички, образовни и здравствени потреби не значи нужно дека се задоволени и неговите емоционални потреби. Понекогаш емоционалното занемарување доаѓа од родители кои и самите биле злоупотребени во детството. Затоа е важно да се разговара за овој тип занемарување бидејќи последиците можат да бидат неверојатно штетни.

2. Прикриен инцест

Се работи за ситуација за која многу малку се зборува, а која настанува кога границите во односот меѓу родителот и детето се замаглени, па детето повеќе се чувствува како романтичен партнер отколку како дете. Според д-р Кенет Адамс, експерт за ментално здравје, кој е специјализиран за ваков вид проблеми, родителите можат да го постават детето како сурогат-партнер бидејќи имаат проблем во сопствениот брак. Иако ваквиот однос не вклучува сексуално допирање (како во отворениот инцест или другите видови сексуално злоупотребување во детството), детето може да биде претерано изложено на сексуални разговори или да слуша различни сексуални коментари во периодот додека неговото тело се развива.
Овој тип злоупотреба може да влијае врз детскиот развој, често има негативно влијание врз сексуалното функционирање подоцна, како и врз способноста за развивање сопствен идентитет надвор од родителскиот.

3. Вербална злоупотреба и деградирање

Во истражувањето, кое испитувало колку вербалното злоупотребување на децата го зголемува ризикот од развој на растројства на личноста, се открило дека вербалното злоупотребување може да придонесе за развој на некои видови психолошки нарушувања.
Влијанието на вербалното злоупотребување може да биде разорно за детската психа (дури влијае и врз развојот на детскиот мозок), а ефектите можат да бидат долготрајни и во возрасна доба. Кејт Готшалк, авторот на книгата „Why I Still Carry the Words of My Abusive Father as Someone With Borderline Personality Disorder“, кој растел со татко-вербален злоупотребувач, опишал што сè доживеал во детството и како тоа влијаело врз неговиот живот и менталното здравје. „Глупав. Разгален. Мрзлив… Низ поголемиот дел од мојот живот единствена константа беше неговиот глас во мојата глава: глас кој секогаш суди, осудува, обвинува“, пишува тој.
Иако е тешко да се преобразат мислите по вербалното злоупотребување во детството – тоа е можно. „Како кај отровите, токсичниот срам мора да се неутрализира со друга супстанција – полуотров, за да се спаси болниот. Сомилоста е единствената работа што може да го неутрализира изолацискиот, стигматизирачки отров на срамот“, вели психологот Беверли Енгел.

4. Демнење за сексуално искористување

Веќе е докажан фактот дека во повеќето случаи на сексуално насилство сторителот е некој што жртвата го познава, а истото важи и за случаите на сексуално злоупотребување од детството. Според американската RAINN (Национална мрежа за силувања, злоупотреба и инцест), 93% од малолетните жртви го познавале сторителот.
Но она за што не зборуваме се психолошките тактики што ги користат сексуалните предатори за злоупотреба на детето – демнењето. Тоа е процес на идентификација на потенцијалната жртва, стекнување на нејзината доверба, изолирање и разбивање на нејзината одбрана заради контакт од сексуална природа. По воспоставувањето сексуални односи со жртвата, сторителот често ги користи таинственоста и чувството на срам кај жртвата за да го задржи односот и за да обезбеди таа да молчи.

Дали можеме да го спречиме сексуалното злоупотребување на детето? Добро е да се побараат и други знаци на злоупотреба. Иако тие не се секогаш јасни и видливи, според RAINN, однесувањата како цицање палец или промената на хигиенските навики можат да бидат еден од знаците.

5. Засрамување и понижување

Според психологот Керил Мекбрајд, класичен знак на злоупотреба на детето е преку засрамување и понижување. Вообичаено однесување за ова психолошко злоупотребување во детството е казнувањето или засрамувањето на детето во јавност.

„Стравот и понижувањето предизвикуваат страв кај детето. Овој страв не исчезнува ни на возрасни години. Тој станува пречка за здрав емоционален живот и тешко се искоренува“, вели Мекбрајд.

 



912

X