Благодарноста е една од особините што ги краси среќните лица. Но, како да воспитате благодарно дете во материјалистичкиот свет во кој живееме? Она што ги учиме е да велат „молам“ и „благодарам“, но тоа не е доволно. Благодарноста е способност да го цените она што го имате. За да ја стекнете таа способност, ви предлагаме неколку корисни совети:

На што сме благодарни денес?

Секој ден, на крајот од денот, седете покрај детето и заедно набројувајте ги „подароците“ од тој ден: моменти, случки, искуства на кои сте благодарни. Тоа може да бидат луѓе, игри, случки, дружења, па и подароци. Можете дури и да водите „дневник за благодарност“. Тоа е одличен начин и децата да научат дека од сè што се случува може да се извлече доброто и позитивното.

Ќе доаѓаат и денови кога некои лоши ситуации ќе им остават посилен впечаток од добрите. И токму тие денови се можност за децата да научат да се фокусираат на доброто.

Ден за добрина

Ова е еден ден во месецот кога вие и вашите деца правите нешто корисно за другите: чистење на дворот, собирање работи за донирање во добротворни цели, купување храна за оние на кои им е потребна… Ова ќе им помогне на децата да ја сфатат важноста не само на примањето, туку и на давањето. Ова е важна компонента на благодарноста.

Дали се сеќаваш…

Добрите работи и убавите моменти треба да се чуваат. Пронајдете време да се сетите на нив. Речете: „Дали се сеќавате како ни беше убаво кога одевме на море со кумовите?“ или „Дали се сеќавате колку сакавте сите заедно да играме карти?“, или „Дали паметите како се радувавме кога Марко го освои оној медал?“

Ваквите моменти се важни и затоа што под притисокот на секојдневните обврски лесно го забораваме сето она убаво што ни се случува.

Баш си добар!

Ако детето учи дека семејството е тим кој функционира единствено ако сите даваат придонес кон тоа, покажете дека го цените тоа. Кога ќе ја однесе во мијалник својата чинија по ручекот, кога ќе ја избрише водата што ја истурил, кога првпат ќе го намести креветот без да биде потсетен, речете „благодарам“. Не „благодарам“ затоа што детето го наместило креветот, туку „благодарам“ што учи да биде уредно и да го почитува начинот на кој функционира семејството. Нека знае дека вие гледате и го цените тоа што е грижливо, одговорно и вредно.

Толку сме среќни!

Во кој било момент од денот сетете се колку сте среќни: што ви преостанале само 2 дена до викендот, што имате удобни и убави чевли на нозете, што можете секој викенд да одите на сладолед и во кино заедно. Среќата не е добивање нешто што веќе го немаме, среќата е препознавање на вредноста на она што го имаме. Децата, особено малите, не го гледаат целиот труд кој го вложувате за да имате мирно и радосно детство. Но, ако редовно вежбате со нив за да го забележите и почитувате она што го имаат, тие дефинитивно ќе научат да ја ценат вашата родителска работа и сето она што ги опкружува.

Извор

Подготвил: Маја Пероска



912

X